Груевски: датумот за ЕУ е неизвесен и во следните 6 месеци
10 декември 2009Груевски рече дека владата ќе продолжи да работи за остварување на евроатлантските интеграции, но не сака да се креира лажна надеж дека тоа ќе се случи до средината на следната година, поради блокадите од Грција.
„Секоја друга држава во ваква ситуација ќе добиеше датум. Ние дури не добивме ни датум за датум, туку само надеж дека повторно ќе се расправа за ова прашање во наредните шест месеци. Тоа е одреден позитивен момент, но е далеку од нешто што може да не‘ направи среќни. Јас би сакал ние во наредните 6 месеци да го добиеме датумот, но не сакам да создавам нереален оптимизам. Тоа не значи дека ние треба да престанеме да работиме, и да кренеме раце од сите проблеми, напротив, но не треба да си претставуваме слика која некогаш и не е толку реална“, изјави Груевски.
Протестите не се евроскептицизам
Во протестите пред Инфо-Центарот на ЕУ во Скопје, одржани во средата, македонскиот премиер не гледа зголемен евроскептицизам ниту револт кај граѓаните. Грчкото однесување е како во 19-от век, но и тоа не може вечно да трае, убеден е Груевски.
„Вчерашните протести во Скопје не беа насочени кон некои поединечни држави на ЕУ, туку кон она што и‘ се случува на Македонија поради една членка на ЕУ. Пречки имало и ќе има, нашата судбина е таква. Очигледно македонското прашање се‘ уште го оптоварува Балканот, односно некои држави на Балканот. И тоа понекогаш ме потсетува како да живееме во 19-от, а не во 21-от век и барањата кои ги слушам од некои други држави, особено од Грција наликуваат како да се од 19-от или почетокот на 20-от век. Но, ќе најдеме сили да се справиме и со тоа. ЕУ не може вечно да го толерира ова прашање. Ова што го прави Грција е на некој начин трошење и на нејзиниот кредит. Тој кредит има свој почеток и свој крај, и тој еден ден ќе дојде до крајот. Грција не може вечно да го прави ова“.
Автор: Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска