1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски демантира: насловот во Гардијан е провокација

Б. Георгиевски16 декември 2015

Македонскиот премиер демантира дека за британски „Гардијан“ изјавил оти е подготвен на промена на името. Според него, насловот на текстот е новинарски коментар.

Неколку часа откако беше објавено интервјуто во британскиот весник „Гардијан“, македонскиот премиер Никола Груевски демантираше дел од изјавата. Груевски преку писмена реакција тврди оти не изјавил дека е подготвен на промена на името и дека станува збор за новинарски коментар.

Насловот на текстот во „Гардијан“, во кој е пренесена изјавата на Груевски, гласи: „Македонија отворена за промена на името“. Самиот текст започнува со пренесен став на Груевски во кој се вели: „Македонскиот премиер вели дека е подготвен за промена на името на неговата земја, со што ги подгреа надежите за крај на еден од нејнеобичните дипломатски спорови во светот“.

Груевски тврди дека такво нешто не изјавил и оти се работи за „провокација“ која има за цел да „одработи за нечија агенда“.

„Такво нешто не сум изјавил и ние ќе реагираме и до 'Гардијан'. Тоа се гледа и од самиот текст кај што очигледно е дека се работи за новинарски коментар, а не за моја изјава. Тоа е кристално јасно. Вакви провокации имало и ќе има и ние сме навикнати на тоа. Очигледно темата за името станува популарна периодов, точно како што претпоставувавме и вакви тенденциозни и погрешни интерпретации од многумина кои не му сакаат добро на процесот и имаат потреба од лажен ексклузивитет или одработуваат нечија агенда се очекувани“, вели Груевски.

Груевски во интервју за весникот, сепак го условува крајното решение за деценискиот спор со плебисцитарно изјаснување на македонските граѓани. „Подготвени сме да разговараме, да започнеме дијалог со нив и да најдеме некакво решение“, вели Груевски за „Гардијан“.

„По долгогодишна непопустливост од обете страни, македонскиот лидер сега имплицира дека можеби е подготвен да ѝ попушти на Грција“, наведува „Гардијан“.

„Сакаме колку што е можно побрзо да започнеме дијалог со Грција за изнаоѓање решение, и доколку најдеме решение потоа сакаме да им се обратиме на граѓаните и да организираме референдум. Преку разговор мораме да најдеме некакво решение, и потоа да ги прашаме граѓаните: дали е ова правилно или не е?“, го цитира „Гардијан“, Груевски.

Весникот наведува дека и „високи членови на левичарската влада на Алексис Ципрас веќе долго укажуваат дека би сакале да се ослободат од проблемот создаден од десничарскиот национализам“.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски в четврток, 17.12., во Атина ќе се сретне со својот грчки колега Никос Коѕиас. Тоа е прва посета на шеф на македонската дипломатија на грчкиот главен град од 2000-та година, кога Александар Димитров беше во Атина. Во пресрет на состанокот, Попоски во интервју за весникот Катимерини рече дека „е дојдено време за изнаоѓање решение за спорот“. Говорејќи за создавање позитивна атмосфера меѓу двете земји, Попоски оцени дека двата соседни народи се „роднини“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми