1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски демонстрира попустливост, но не и одговорност

Костадин Делимитов4 мај 2015

Груевски ја задржа контролата во партиското маало, но дали ќе биде способен да ја задржи и контролата во државата? Аналитичарите се поделени

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реизборот на Никола Груевски на лидерската позиција во ВМРО ДДПМНЕ не ја изненади јавноста во Македонија. Патот до неговиот повторен избор според упатените уште во старт го откри епилогот, но отвори дополнителни дилеми. Дали и колку зачуваното лидерско столче во партијата ќе му помогне на Груевски да ја задржи и премиерската фотелја? Партискиот статут според аналитичарот Петар Арсовски му обезбеди лесен избор на Груевски кој како лидер сам ги бира делегатите кои пак го бираат него. Оттука според него не ниту за чудење што беше избркан од партијата и единствениот негов против кандидат. Но од она што се слушна од говорницата според Арсовски, евидентно е дека Груевски е пред сериозен предизвик:

„Груевски ќе мора да направи разлика помеѓу себе и партијата. Од неговиот говор кој беше кризен менаџмент е евидентно дека Груевски се обидува да ги омекне позициите за она за кое смета дека е слаб (оттаму најавите за можно освежување на тимот како и најавите дека нема проблем да се истражи содржината на бомбите), а се фокусира и ги истакнува деловите за кои смета дека е силен во делот на економијата и други проекти. Пораките се и до меѓународната заедница, за да покаже дека сепак со него може да се преговара, како и за гласачите, во обид да ги убеди дека ВМРО ДПМНЕ е сепак подобар избор. На крајот, ништо значајно, нема конкретна одлука, и тој ќе се најде во тежок предизвик, зашто најавите за проветрување сепак ќе покажат слабост, а со најавениот митинг на СДСМ тој ќе мора да направи посериозен компромис ако сака да седне на преговарачка маса. Со неговото попуштање што веќе го демонстрира по одредени прашања тој ќе ја стави и ВМРО ДПМНЕ на коцка. Ако странците го нагазат тој ќе попушта но така тој ќе тоне, но ќе тоне и ВМРО ДПМНЕ“, коментира Арсовски.

Поддршка со краток здив

Ако се земе во предвид поддршката која ја доби Груевски и од кого е таа дојдена тогаш таа треба да биде со краток здив, смета универзитетскиот професор Јове Кекеновски:

„Треба да се прашаме дали легалитетот не значи и легитимитет, затоа што во овој случај не е проблем да соберете неколку стотици луѓе кои се на државен буџет и да ви дадат поддршка. Изборот апсолутно нема да му помогне многу во задржување на власта затоа што нема никакви промени во начинот на владеење. Напротив, со ваквиот чин се изиритираа членовите на ВМРО ДПМНЕ, со начинот на кој тој продолжува да манипулира во јавноста. Делегатите немаа капацитет и доблест да и погледнат на вистината во очи и да сфатат дека времето на нивниот вожд одамна е поминато, на кој наместо реизбор потребено беше барање лична одговорност. Сите тие станаа соучесници во одбрана на неодбранливото, на сериозните обвинувања за злоупотреби и криминал и несовесното и непатриотско работење и разградување на државата. Пораките се меѓупартиски консензус и евентуално кадровско проветрување (и тоа замислете ни малку ни повеке туку на оние од на третиот ешалон) се само гола реторика за еднократна употреба“, коментира универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Власта има поддршка

Дел од аналитичарите пак сметаат дека повторниот избор на Груевски е реален одраз на она што се случува на терен. Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски смета дека последниот развој покажува дека политиката на актуелната власт ужива поддршка и кај партиската база и меѓу народот:

„Тоа никого не изненади туку напротив беше очекуван исход. Очигледно е дека партијата е единствена околу лидерската позиција и перцепцијата на граѓаните со тоа што ја даваат поддршката на ВМРО ДПМНЕ се рефлектира и врз изборот на нејзиниот лидер. Во однос на неговите пораки околу консензус за одредени прашања генреално мислам дека е редно време за такво нешто, но друго е прашањето дали е тоа изводливо во овој момент на самата политичка констелација помеѓу власта и опозиција и антагонизмот што владее помеѓу нив. Мислам дека до такво нешто сега тешко ќе може да се дојде што но не значи дека оваа иницијатива не е добар поттик за подоцна, по решавање на политичката криза, да се седне и да се договорат некои работи, почнувајќи од прашањето за името“, смета Божиновски.

Повторниот избор на Груевски и пораките што тој ги испрати во јавноста расчистија дел од маглата на патот кон решение од актуелната политичка криза. Тоа што Груевски не демонстрираше подготвеност и за негова лична одговорност според упатените не значи дека и не треба да не се очекуваат изненадувачки политички маневри. Или како што коментира Арсовски: „Разрешницата ќе зависи од масовноста и од силината на поддршката која ќе ја добие Заев на претстојниот митинг на СДСМ. Од тоа ќе зависи и големината на компромисот кој ќе треба да го направи Груевски ако сака да седне на преговарачка маса“!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми