1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски замина, груевизмот останува

Катерина Блажевска19 јануари 2016

Едностраниот потег на владејачкото мнозинство нема да ја реши кризата, туку ќе ја продлабочи поради натрупаните, а нерешени проблеми, сметаат аналитичарите.

Фотографија: MIA

Без „широки општествени консулатции“, како што најави Груевски по средбата со еврокомесарот Хан, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот коалициски партнер се решија на едностран потег. Собранието, без присуство и консултација на опозицијата, ја избра новата техничка влада на мандатарот Емил Димитриев, откако претходно ја констатираше оставката на премиерот Груевски. Двајцата министри од СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ременски, не дојдоа на изборот и не положија заклетва. Собранието со 72 гласа „за“ донесе одлука да се распушти, а примената на таа одлуката е одложена до 24-ти февруари, за да се исполни условот дека парламентот се распушта 60 дена пред избори. Здружената опозиција соопшти дека нема да учествува на изборите на 24-ти април.

Постапката на власта во дел од јавноста беше оценета како „Втор црн понеделник“, „Уште еден договор што заврши како тоалетна хартија“, „Самоволие на мнозинството над малцинството“... Дел од аналитичарите стравуваат дека ваквиот потег нема да ја реши кризата, туку ќе ја продлабочи, пред се поради натрупаните, а нерешени проблеми со кои се соочува земјата.

Фотографија: MIA

Во каква „кондиција“ е Македонија во времето кога Груевски заминува од функцијата? На внатрешен план таа е уште пополаризирана, поподелена и попартизирана од денот кога беше потпишан Договорот од Пржино, сметаат аналитичарите. Не се спроведоа клучни обврски од Договорот, не започна реализацијата на Итните реформски приорити препорачани од ЕК, не заживеа суштински политичкиот дијалог. Партизираните и нереформирани институции, кои на власта и овозможуваат неограничена контрола врз нив, продолжуваат да репродуцираат системска импотентност.

Преродбеник на „казино капитализам“

Не е подобра состојбата ни на економски план, вели поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев.

„Пред нецели десет години, Груевски вети економска преродба на Македонија: 'ќе правел мала држава (мал државен апарат) со силен приватен сектор движен од ослободените сили на пазарот'. На крајот од тие десет години, ние сме удавени во мамутска, дуплирана и партизирана администрација. Од слободни пазарни сили и субјекти, ги доведе менаџерите во состојба повеќе да водат сметка за извештаите што ги поднесуваат во седиштето на ДПМНЕ отколку за извештаите пред нивните акционери“, вели бившиот гувернер. Наместо дерегулирана економија, според Гошев, таа сега е двојно повеќе регулирана, со толку чести и противречни измени на законите и подзаконските акти, кои во голем број случаи неклкукратно го надминуват бројот на годините на власт на демисионираниот премиер.

„Пред десет години Груевски вети годишни стапки на економски раст од најмалку 6, 7 и повеќе проценти. Во изминатите девет години просечниот годишен раст на БДП изнесува само 2.9%. На почетокот на неговиот прв мандат, т.н. 'државен долг' (долгот на централната власт плус долгот на општините) изнесуваше околу 22% од БДП, а во овој момент е околу 46% (без скриените доспеани неплатени обврски на централната влада кон приватниот сектор и без целосниот долг на општините). Вкупниот јавен долг е значително над 50% од БДП. На почетокот на неговиот прв мандат 'бруто надворешниот долг' (надворешниот долг на државата плус надворешниот долг на приватниот сектор) изнесуваше малку над 40 %, а денес е околу 75%“, потенцира Гошев.

Тој укажува на уште еден компаративен податок: пред доаѓањето на Груевски на власт, Македонија се наоѓала на 64-та позиција во светот според Индексот за човечкиот развој објавуван од ОН. По девет години „преродба“, Македонија се наоѓа на 82-та позиција, губејќи цели 18 позиции.

„Груевски вели дека невработеноста ја намалил од 38 на 26,2% и дека ја намалил стапката на сиромаштијата значително под 30%. Ако во деветте години не го дуплираше бројот на вработените во јавниот сектор и ако не се иселеа неколку стотици илјади граѓани од земјата, не е тешко да се заклучи на што се должи намалената стапка на невработеност. Всушност, Македонија не можеше да има никакви шанси за попристоен развој врз основа на видот на општество кое го градеше Груевски. Наместо функционални политички и економски институции, тој етаблира првостепени екстрактивни политички и екстрактивни економски институции. На дело имаме грозна мешавина од елемнти на т.н првобитна акумулација на капиталот и она што на Запад се нарекува 'казино' капитализам и 'crony' капитализам, но кај нас во најгруба балканска варијанта. Затоа корупцијата и нееднаквоста достигнаа небесни височини, а тоа сигурно не е амбиент за раст и развој“, констатира Гошев.

Фотографија: MIA

Тече мед и млеко

На интеграциски план, Македонија годинава ќе одбележи 11 години кандидатски статус за членство во ЕУ и ниту еден чекор напред. Останува нерешен спорот за името со Грција, непотпишан договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, а нема ни јасен дипломатски исчекор кој треба да стави крај на сомнежите дали земјата инклинира кон стратегиски партнери од Исток или Запад. Во соседството и регионот со интерес ги следат обидите за окончување на политичката криза во Македонија. Бугарскиот весник „Труд“ деновиве во текст под наслов „Груевски си заминува. А груевизмот?“, направи опсежна анализа за темелите на кои опстојувала власта на Груевски и наследството што тој го остава.

„Повеќето од медиумите услужливо му стоеја зад грбот со буџетските пари за реклами или пратеничките места на нивните сопственици, и ја потхрануваа зашеќерената претстава за безгрешноста на Груевски и неговиот тим. Како што се вели, ја пушташ чешмата - од лево тече млеко, од десно - мед“, пишува „Труд“.

Освен медиумите, кои се оценети како четвртиот темел на кој се потпира власта „на некогашниот брокер во бугарската Балканска банка во Скопје“, весникот ги опишува и другите три.

„Првиот темел е целосна контрола над македонското правосудство, во кое судството беше потчинета директно на извршната власт, а судовите делеа еден вид 'револуционерна правда' преку организирање на монтирани судски процеси.(...) Вториот темел е партизирањето на администрацијата, која во една држава со 30-процентна невработеност стана единственото безбедно место за приходи, но и главно изборно јадро на владејачката партија. (...) Трето, корупцискиoт карактер на економијата, опслужувана од тесен круг блиски партиски активисти и донатори, во која порциите и тендерите се распределуваат по етнички квоти - на Албанците во власта - толку, на Македонците - останатото, а пак тоа да земеш бизнис на некого, стана практика со активното учество на МВР и тајните служби“, пишува „Труд“

Заедно за иднината!

Може ли Македонија брзо да излезе од кризна состојба, врз „крилјата на изборите“? Во своето експозе, премиерот Емил Димитриев синоќа ја повика опозицијата да биде конструктивна.

„Ве уверувам дека преодната влада ќе гарантира фер и демократски избори со секое свое дејство и активност, а вие како опозиција имате клучна одговорност во придонесот за организирање фер и демократски

избори преку водењето на клучните ресори и тела кои ги организираат

изборите, и треба да се вклучите во овој процес кој обезбедува напредок на земјата. Заедно можеме да направиме добри работи за земјата“, рече Димитриев.

На фактот дека овој аранжман не беше направен заедно со опозицијата, укажа еврокомесарот Јоханес Хан, кој синоќа се огласи со соопштение.

„Ја забележав одлуката што беше донесена денеска да се одржат предвремените парламентарни избори на 24-ти април, како што е предвидено во договорот во Пржино. Како што кажав претходно, јас ќе преферирав консензуално решение од страна на сите партии. Но, сега е повеќе од важно за сите политички и институционални актери во земјата да сторат што можат за да обезбедат фер избори, според демократските стандарди и да се постигне ова е потребна итна подготвителна работа која мора да се забрза пред се во однос на гласачката листа. И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за датумот за избори, очекувам сите партии да соработуваат конструктивно и да се држат до сите нивни обврски во рамки на политичкиот договор од јуни/јули 2015 вклучително и до итните реформски приоритети“, порача Хан.

Фотографија: Petr Stojanovski

Здружената опозиција одби да даде легитимитет на едностраните потези на владејачкото мнозинство.

„За СДСМ и коалициските партнери не се прифатливи избори на 24 април и нема да учествуваат на тие избори“, беше соопштено синоќа, по средбата на лидерот на СДСМ со коалициските партнери.

Со оглед дека одлуката за учеството на министрите и замениците-министри на опозицијата во Владата била донесена од централните органи и тела на партиите од здружената опозиција, нивната нова одлука за ова прашање ќе и биде соопштена на јавноста штом ќе биде донесена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми