Груевски и Филе в петок за актуелната состојба во Македонија
22 октомври 2013![](https://static.dw.com/image/16246526_800.webp)
Македонскиот премиер, Никола Груевски од утре ќе престојува во тридневна работна посета на Брисел. Покрај учеството на Самитот на Европските народни партии (ЕПП) в четврток, тој в петок ќе има билатерална средба со комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.
- Можам да потврдам дека комесарот Филе в петок ќе се сретне во Брисел со премиерот Никола Груевски. Со оглед на тоа што овој состанок доаѓа десет дена по објавувањето на прогрес-извештаите на Европската комисија за земјите- кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, природно е дека главна тема на оваа дискусија ќе биде извештајот за Република Македонија, односно наодите и препораките од истиот. Ќе се разговара за содржината на прогрес-извештајот и предизвиците што не очекуваат, пред се што ќе треба да стори Македонија и што ЕК може да направи во продолжувањето на поддршката на Македонија на нејзиниот европски пат, вели портпаролот на Филе, Петер Стано.
Според Стано, неизбежна тема на билатералката Филе-Груевски ќе биде и спорот за името на Република Македонија.
- Прашањето за името е блиску поврзнао со пристапниот процес што го ставивме и во заклучоците и препораките во извештајот. Ние го повторивме нашиот предлог кога станува збор за отворање на пристапните преговори и решение за прашањето за името. Се разбира дека ова отворено прашање и преговорите се поврзани едно со друго и ова се разбира дека ќе биде дел од дискусијата меѓу Филе и Груевски, дециден е Стано.
Гласноговорникот на еврокомесарот за проширување, потврдува и дека на маса во разговорите в петок ќе се најдат и последните случувања во Македонија и високата затворска казна за новинарот Томислав Кежаровски, за што загриженост синоќа пројави и комесарот Филе.
- Не би сакал да навлегувам во конкретни детали и теми за кои ќе разговараат, што е до нив, но секој состанок меѓу комесарот Филе и неговите партнери е исто така и можност за да дискутираат за последните случувања и настани што се важни за односите меѓу ЕУ и земјата за која станува збор и нејзината европската агенда. Се разбира, може да се очекува дека во петок ќе се допре и темата за последните случувања во земјата што влијаат на европските норми и нивното исполнување, вели Петер Стано.