Груевски максимално ангажиран за решавање на спорот со Грција
29 декември 2011![](https://static.dw.com/image/6268932_800.webp)
Владата на Република Македонија прави максимални напори во рамки на своите можности да се изнајде решение со кое ќе се надмине спорот кој Грција го отвори пред 20 години и не попречува во европските и евроатланските интеграции, рече премиерот Никола Груевски, одговарајќи на пратеничкото прашање од Имер Алиу од ДПА.
На денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, вообичаено за секој последен четврток од месецот, премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да работи во истиот правец, со сите сили и потребни инструменти.
„Жалам што во последните 6-7 месеци од другата страна имаме игнорантски однос во однос на нашите напори. На почетокот тоа беше брането како ситуација која произлегува од финансиската криза во Грција, но во последниот период имаме отворени изјави од нивниот премиер оти тој не чувствува дека прашањето за името е во негов мандат, рече Груевски.
Тоа, потенцираше Груевски, беше потврдено и со изјавите на министерот за надворешни работи и со првиот човек на една од главните партии во Грција кој одби средба на оваа тема, но и со изјавите дека Грција стои на најрадикалната позиција која воопшто ја имала, односно „ерга омнес“, едно име за севкупна употреба со географска одредница, што претпоставува и промена на името внатре во земјата.
Автор: БГ/миа
Редактор: Симе Недевски