Груевски на Косово
18 мај 2007“Ја искажавме уште еднаш нашата заложба и поддршка на планот на Ахтисари и се надеваме дека во брз период ќе се разреши ова последно големо прашање на Балканот”, изјави македонскиот премиер Груевски додавајќи дека се надева оти решението на статусот на Косово ќе биде такво за да нема тензии и да биде во полза на подобрување на животот на сите граѓани на регионот. Изразувајќи надеж и очекување, веднаш по решението на статусот на покраината да биде спроведена демаракција на границата, македонскиот премиер нагласи дека очекува соработката меѓу Македонија и Косово во иднина да биде уште подобра, особено во сферата на економијата. Освен тоа, тој од косовска страна добил ветување дека набргу ќе биде решен статусот на Гораните на Косово и дека тие ќе ги уживаат правата на малцинство.
Косовскиот претседател, Фатмир Сејдиу, изјави дека Македонија е стратешки партнер на Косово: ”Македонија е една од соседните земји која ја сметаме за стратешки партнер и затоа и се заблагодаруваме на поддршката која што му ја пружа на политичкиот статус на Косово, поточно на планот на Ахтисари и независноста на Косово во негови рамки”, рече Сејдиу.
Лидерот на ”Српската листа за Косово и Метохија”, Оливер Ивановиќ, по средбата со македонскиот премиер Груевски, рече дека иако Македонија го поддржува планот на Ахтисари за Косово, тоа не значи и дека автоматски ги поддржува сите одредби од тој план и дека планот не би можел да се промени: ”Поради тоа ја цениме конструктивната улога на Македонците т.е. неопределувањето и би рекол дека нивен став е оти треба да се најде компромисно решение, кое би било прифатливо за двете страни, што значи никакви еднострани прогласувања и барање некакво решение одржливо за двете страни во рамки на Советот за безбедност”, оцени Ивановиќ.