1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски на погрешна адреса побарал симнување имунитет!?

1 јули 2017

Груевски наводно доставил барање за симнување на имунитетот до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања. Собранискиот спикер вели- според процедурата, такво барање се доставува до претседателот на парламентот

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Со барање адресирано до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, побарал да му биде симнат пратеничкиот имунитет, неофицијално дознава Дојче веле. Барањето следи по обвиненијата што ги поденесе Специјалното јавно обвинителство, од кои Груевски е осомничен во четири: „Титаник“ (за изборни измами), „ТНТ“ (за уривањето на „Космос“), „Тенк“ (за набавка на „мерцедес“) и “Траекторија“ (за изградба на автопат). Во експертската јавност ваквото барање на Груевски се толкува како негов обид да избегне расправа во Комисијата и на пленарна седница за обвиненијата подигнати против него. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, утрово за Дојче веле изјави дека нема информација дали такво барање од пратеникот Груевски е доставено до собраниската Комисија.

„Ако такво барање навистина е доставено до Комсијата, тогаш процедурата е згрешена. Тоа се доставува до претседателот на Собранието, кој потоа го доставува до пратениците, што воедно значи и налог надлежната Комисија да расправа за него. Таква е процедурата. До овој момент јас немам добиено такво барање од пратеникот Никола Груевски“, изјави утрово претседателот на парламентот, Талат Џафери.

Но, не е исклучено дека тоа барање може да стигне во текот на денот, а според правни експерти, процедурата преку Собранието не е единствен начин да се симне нечиј пратенички имунитет, бидејќи осомниченото лице и пред надлежен орган усно може да се изјасни дека во постапката нема да се повикува на имунитетот, односно дека се откажува од него.

Три капитални истраги

Вниманието на целата јавност од вчера е насочено кон Кривичниот суд, каде за одредени предмети се уште течат рокови за одговор на барањата на Специјалното јавно обвинителство, откако оваа институција поднесе 17 обвиненија за 94 осомничени, од кои за дел побара мерки притвор, а за дел мерки на претпазливост. Синоќа, на два часа пред истекот на крајниот законски рок за подигање обвиненија (30 јуни), околу 21 часот и 30 минути СЈО во Кривичниот суд Скопје ги предаде доказите за предметите „Титаник“, „Таргет“ и „Тврдина“, кои како што соопшти судот, електронски веќе се распоредени на оценка кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски. Со оглед дека во двата предмета до судот се доставени и предлози за определување мерки за обезбедување присуство, предметите се доделени во работа на Кривичните совети, кои треба да одлучат за барањата. 

 Во „Титаник“ осомничените се товарат за изборни измами и нерегуларности, а во  „Таргет“ и „Тврдина“ кои сега се споени во еден предмет - за незаконско следење на комуникациите и за уништување на опремата во УБК со која било сторено кривичното дело. Токму за овие случаи СЈО бара судот да определи мерка притвор: за Никола Груевски во врска со предметот „Титаник“, а за Сашо Мијалков за “Тврдина“ и „Таргет“.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Изречени мерки на претпазливост

За предметите кои беа доставени и распоредени кај судии претходниот ден, Кривичниот суд досега изрече четири мерки на претпазливост од пет случаи за кои  одлучувал. Заради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело - даночно затајување, Судот го прифати барањето на СЈО и изрече мерки за претпазливост за осомничената И.Т. во предметот „Тифани“: привремено одземање на патна исправа, забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, и обврска секој работен понеделеник во месецот да се јавува кај надлежно лице во Основниот суд Скопје 1. Истата мерка е прифатена и за осомничените во предметот „Тревник“ (З.П. и С.П.) за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело - бесправно градење. Сугот не го прифати барањето на СЈО за мерка притвор за Д.П.Л. осомничен во предметот „Тотал“ за кривично дело - даночно затајување, и му определи мерки за претпазливост: јавување во судот, привремено одземање на патна исправа, забрана за преминување на државната граница и забрана за преземање на определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Истите мерки судот ги определи и за И.А. осомничен во предметот  „Тортура“ за кривично дело - мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Судот вечера не определи марки на претпазливост единствено за Е.А. осомничен во „Титаник“ за кривично дело уништување на изборен материјал, и предлогот на СЈО го одби како „неоснован“. Против овие решенија дозволено е право на жалба до Апелацискиот суд, во рок од три дена од приемот на решението.

Преку системот за автоматска распределба предметите под имињата „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“ беа доделени кај судијата Моника Бахчовановска. Предметите кои се во надлежност на Оддлението за организиран криминал беа доделени на шест судии: „Тарифа“ кај Лидија Петровска, „Трезор “ и „ Тенк“ кај Горан Бошевски, „Титаник 2“ кај Верка Петковска, „Топлик“ кај Ленка Давитковска, „Тендери“ кај Ивица Стефановски, а „Траекторија“ и „ТНТ“ кај Татјана Михајлова.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми