1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски на распит пред Анкетната комисија

Катерина Блажевска14 декември 2015

Игнорантскиот однос кон Анкетната Комисија и барањето на затворени седници, открива ниска свест за отчетност на извршната пред законодавната власт, велат политиколози

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Четиринаесети декември: ова е денот кој премиерот Никола Груевски сам го избра за да сведочи пред собраниската Анкетна комисија за прислушувањето, откако минатата недела не беше во можност да го стори тоа поради претходно договорена посета на Израел. Терминот за сведочење еднострано го смени и министерот за финансии, Зоран Ставрески, кој најави дека ќе дојде пред комисијата на 17 декември. Шефот на премиерскиот кабинет, Мартин Протогер, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, ниту се појавија пред Анкетната, ниту одговорија во кои термини можат да дојдат. Сослушувањата на сведоците треба да заврши до 22 јануари.

Ниска свест од отчетност

Според политиколозите, ваквиот игнорантски однос кон Анкетната Комисија го открива односот на функционерите кон институциите, во случајов кон Собранието и една негова комисија, ниска свест за отчетност на извршната пред законодавната власт, како и за создавање и почитување на демократски вредности. Ваквите укажувања во текот на целата измината недела, не стигнаа до оние на кои беа адресирани.

„Со непојавувањето пред парламентарната Анкетна Комисија, носители на високи функции од извршната власт покажаа крајно непочитување кон институциите на системот“, вели поранешниот министер за образование, Ненад Новковски.

„Извршната власт е самостојна во вршењето на своите должности, независна од законодавната, но со обврска да даде отчет пред Собранието. Во овој случај се работи за изразено тешки нарушувања на законите, човековите права и основните вредности на системот, при што би било незамисливо кој и да било член на извршната власт да не покаже максимална кооперативност со телата на Собранието на Република Македонија. Со овој однос целосно паднаа во вода тврдењата на власта дека барале враќање на пратениците на СДСМ во Собранието со цел да функционира парламентарната демократија. Јасно се покажува дека нивната намера била целосно да се блокира функционирањето на законодавната власт и да се претвори само во гласачка машина за носење на акти креирани од извршната власт. Со ваквата постапка тие носители на извршната власт ја пропуштаат последната можност да покажат дека имаат барем елементарно почитување кон демократските вредности“, оценува Новковски.

Отворена или затворена?

Засега е неизвесно и во какви услови ќе се одржи денешната седница на Анкетната Комисија, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ бара таа да биде затворена за јавноста, а СДСМ отворена.

Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков ја игнорираат Анкетната комисијаФотографија: DW/P. Stojanov

„Желба е на ВМРО -ДПМНЕ да се затворат седниците кога ќе сведочат нивните високи функционери. СДСМ со таквата желба не се согласува и ќе сториме се што е во рамките на нашата законска, деловничка и политичка моќ да избегнеме затворено сведочење на Груевски и врхушката околу него“, рече минатата недела претседателот на Комисијата, Петре Шилегов.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека седницата не смее да се претвори во „циркус“ и сметаат дека опозицијата ќе иницира разни пречки во работата на Комисијата.

„Очекуваме да се прават пречки, процедурални укажувања, прекинување на седници, барање паузи, презакажувања и сите други деловнички и неделовнички механизми, со кои СДСМ ќе се обиде да го попречи обраќањето на оние кои пимено потврдиле дека сакаат да дадат искази, и со тоа само да ја продолжува тензијата, да ја занимава јавноста, да го потроши времето на новинарите, а во Комисијата да не дојдеме до сознанија и факти, кои можат да ни ја приближат вистината за тоа што се случило“, рече Антонио Милошоски.

Манифестацијата на транспарентност и отчетност никако не може да се нарече „циркус“, вели социологот Артан Јонузи.

„Ако отворена седница на Анкетната Комисија се смета за 'циркус', тогаш зошто премиерот не се откаже од тв-преносите на таканаречните отворени седници на Владата, или од камерите кои во чекор ги следат сите неговите средби со граѓаните низ општините во земјава. Кога ситуацијата ја режира тој, со утврдено сценарио и нарачани прашања, тогаш ништо не е спорно. А кога не е на 'негов терен' и кога треба да одговори на ненарачани прашања, тоа се прогласува за 'циркус'. Тие двојни стандарди укажуваат на страв од соочување со јавноста, вели Јонузи.

Но дури и да биде отворена седницата, во политички кругови нема големи очекувања од сведочењето на премиерот. Се смета дека тој на прашањата ќе одговара исто или слично како што му одговори на пратеникот Горан Мисовски, кој на седницата за пратенички прашања го праша Груевски - која странска служба, според него, стоела зад масовното прислушување на граѓаните на Македонија.

„Господинот Мисовски го упатувам да ја следи судската расправа, која што следува, во која веруваме дека посочената личност, господинот Верушевски ќе каже кој стоел зад него, односно зад целата оваа работа што тој ја направил. Можеби одговорот го знае и оној кој што му прати писмо“, одговори премиерот упатувајќи го Мисовски одговор за тоа да побара од Заев.

Според аналитичарите, како и се друго, така ни работата на Анкетната Комисија нема да успее без притисок од меѓународната заедница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми