Тензиите во Македонија можат да ескалираат, предупредува весникот Ди Цајт, обвинувајќи го за тоа експремиерот Груевски и неговото одбивање да се откаже од власта. Европа мора да го сврти погледот кон Балканот
Реклама
„Криза во Македонија, национализам на Косово, 180 министри во Босна и Херцеговина. Европа ја врти главата и регионот ѝ го препушта на Русија“, заклучува во својата колумна во весникот Ди Цајт, познатиот германски новинар и поранешен главен уредник на весникот, Тео Зомер.
Потсетувајќи на балканските војни на почетокот, како и на војните во поранешна Југославија на крајот на минатиот век, Зомер констатира дека „Високата политика повторно го заборави Балканот“.
„Европа пред две децении тргна да го европеизира Балканот. Но се случи обратното: Европа сега се наоѓа во состојба на балканизација. И повторно ја врти главата и Балканот им го препушта на неговите историски неволји: затруен национализам, рискантни територијални амбиции и етничко лудило“.
„(...) Веќе три години врие во Македонија. Тензиите меѓу мнозинството Македонци и малцинските Албанци достигнаа нова критична точка по изборите на 11 декември. Премиерот Никола Груевски и покрај изборниот пораз одбива да ја предаде власта. Тој нема намера да се откаже од неговиот гангстерски систем за прераспределба на државните пари. Некои набљудувачи стравуваат дека државната криза би можела да прерасне во граѓанска војна. „Не си играјте со оган“, го предупреди ЕУ комесарката Федерика Могерини премиерот. Во нејзиното предупредување одзвонува и стравот дека би можела да се распадне и македонската брана против бегалците кои се тргнати кон Европа“, пишува Зомер.
„Турскиот претседател Ердоган се обидува со својата нео-османска надворешна политика да го поврати влијанието на Блискиот Исток и во Централна Азија, но е чест гостин и во некогашните турски поседи на Балканот. Русите под раководство на Путин се обидуваат да си го повратат некогашното влијание во православните држави. Во Србија, со која имаат договор за стратешко партнерство, учествуваат во воени маневри на границата кон Хрватска. Во Бугарија и во Македонија расте благонаклонетоста кон Кремљ“.
„(...) А што прави Европа? Повторно гледа на страна. Во прв ред гледа кон североисточна Средна Европа, на Балтикот и во Украина. Им дава милијарди на балканските држави, чија трговија во најголем дел се одвива кон ЕУ. Но ќе мора да стори далеку повеќе, ако не сака Балканот повторно да стане буре барут. Ќе мора повторно да прогледа, наместо да ги држи очите затворени“.
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Сезона на протести во Македонија
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Груевски и „народот“
„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување“, изјави Никола Груевски во интервјуто за телевизијата Сител на 26 февруари. Веќе следниот ден се одржа првиот протест за одбрана на татковината...
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“
Првиот протестен марш беше оддржан на 27 февруари. Граѓани со транспаренти на кои беа испишани пораки за одбрана на Македонија се собраа пред Владата од каде го започнаа маршот кон Собранието. Предводници маршот се Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски здружени во иницијативата „За заедничка Македонија“.
Во првите неколку денови од протестите, пораката за „Заедничка Македонија“ беше во втор план, а настапот на демонстрантите беше одбележан со транспаренти кои го потенцираа нивниот надпартизам или се промовираше Македонското патриотско здружение- „Тврдокорни“. Мотото на почетокот беше „Македонски марш- завет за Македонија“.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Црвени линии
Барањата на демонстрантите и иницијативата „За заедничка Македонија“ се безусловно отфрлање на т.н. Тиранска платформа и зачувување на унитарноста на Македонија. Тие исто така се против двојазична и двонационална Македонија, против промена на знамето, химната и државниот грб.
Организаторите на протестите порачаа дека нивните барања се базирани на вредностите на претходните три Илиндени - соживот, почит и толеранција. „Сакаме да живееме во оваа земја заеднички со сите останати народи – како што сме живееле до сега, да продолжиме во иднина“ изјави Богдан Илиевски - иако на првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Стари пораки
Политичките пораки на транспарентите кои можат да се видат на протестите имаат препознатлива симболика. На нив се испишани пораки против мешањето на ЕУ во кризата, против Џорџ Сорос и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли - додека истовремено се изразува поддршка за Доналд Трамп. Оваа констелација на пораки во голем дел се поклопува со реториката на власта во пред и пост изборниот период.
Фотографија: DW/P.Stojanovski
Јоханес Хан „сардисан“
При посетата на Скопје на 21 март, Јоханес Хан беше пречекан со протест пред седиштето на ЕУ од демонстрантите на „За Заедничка Македонија” и дел од вработените во Трансмет. Граѓаните се собраа пред канцелариите на ЕУ, а вработените во компанијата на Сеад Кочан со камиони го блокираа булеварот. Хан мораше да излезе од задната врата под полициски надзор, без да биде забележан од демонстрантите.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Медиумски (не)пријатели
„Медиумите под отстрел“ - гласи еден од транспарентите на протестите, алудирајќи на случајот на Сеад Кочан, исто така сопственик на телевизија НОВА. Но, се чини дека токму новинарите кои известуваат од протестите се најдоа на мета на демонстрантите. На вториот ден од протестите беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.