1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Ова е огромна, моќна победа и недвосмислена доверба

Катерина Блажевска28 април 2014

Македонија имаше успешни избори – мирни, фер и демократски. Победи Македонија. Им честитам на сите граѓани, особено на оние кои гласаа и придонесоа за овој успех, рече во обраќањето по полноќ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Фотографија: Petr Stojanovski

„На овие избори ВМРО-ДПМНЕ доби двојна победа. На 92 отсто од преброените гласови, Иванов доби над 500.000 гласови, односно победи со разлика од над 130.000 гласови во однос на неговиот протикандидат. На парламентарните избори, на 92 отсто од преброените гласови, ВМРО-ДПМНЕ освои над 450.000 гласови, односно 181.000 повеќе од СДСМ. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ освои 61 или 62 места во парламентот, наспроти 34 или 35 за СДСМ. Ова е огромна, моќна победа, недвосмислена доверба и јасно изразена волја на граѓаните. Со овие две победи, граѓаните во девет циклуси по ред и даваат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Победи концептот на неуморно работење, искрениот пристап кон граѓаните, реализацијата на конкретни ветувања. Победи концептот за отворање нови работни места во тешки времиња, за привлекување инвестиции, за градење инфраструктура, за реформи во здравството, образованието, за решавање на сите проблеми на граѓаните, за ниски даноци и давачки“.

Тој посочи дека опозицијата победила само во општина Центар, што ќе биде предмет на анализа да увиди дали и каде греши владејачката партија и кои се забелешките на граѓаните, за да може во иднина да одговори на нивните барања.

Груевски им честиташе на сите партии учесници во изборите, на оние кои освоиле пратенички мандати, а честитки упати и до политичкиот конкурент СДСМ. На крајот се заблагодари на најблиските соработници, на шефот на изборниот штаб, на родителите, на сопругата и на децата за безрезервната поддршка и енергија што му ја давале во текот на целиот изборен процес и во изминатиот период.

„Денеска да прославиме, а од утре - на работа. Да ја оправдаме довербата и по четири години да излеземне со чист образ пред сите – и пред оние кои не поддржале и пред оние кои не нѐ поддржале. Ние работиме за сите. За цела држава. За Македонија“, рече Груевски.

Неговото обраќање беше прекинувано со силни аплаузи и овации од присутни активисти и симпатизери на партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми