Патешествието на Груевски низ Црна Гора наликувало на шпионски филм. Го чекале разни унгарски дипломати, се менувале возила, а примопредавањето се одвивало во мотел. ДВ дознава дека Груевски сепак минал низ Србија
Реклама
Македонската лична карта и унгарското дипломатско возило му овозможиле на поранешниот премиер Никола Груевски удобна прошетка низ три балкански држави до пристигнувањето до крајната дестинација- Унгарија. Притоа, она што се случувало од моментот кога Груевски влегол во Црна Гора, па до влезот во Србија повеќе наликува на некој шпионски филм, одошто на реална приказна.
Извори во полицијата во Црна Гора, кои побараа анонимност, за ДВ потврдија дека Груевски својот пат од таа земја го продолжил кон соседна Србија.
Претходно, во официјалното соопштение на црногорската полиција беше наведено дека експремиерот влегол во земјата на 11 ноември со автомобил преку граничниот премин Божај. Влегол со лична карта, а излегол истиот ден со истиот автомобил во правец на Србија.
Според сознанијата на Дојче веле, вака изгледало патешествието на Груевски низ Црна Гора:
- Во 19:10 часот влегол во земјата преку преминот Божај. Таму го пречекале двајца службеници на унгарската амбасада во Подгорица.
- Со возило Фолксваген Џета бил пренесен во Подгорица. Таму веќе го чекал заменикот- амбасадор и заедно со уште едно лице влегле во друго возило и се упатиле кон граничниот премин Добраково.
- Таму пристигнале околу 22 часот. Влегле во Србија и таму им го предале Груевски на други унгарски дипломати кои за таа цел пристигнале од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и размената на бегалецот се случила во мотелот Лукс пред влезот во Пријепоље.
И во Србија, како и во Црна Гора, Груевски влегол со лична карта затоа што во тој момент по него се уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
10 фотографии1 | 10
Лична карта за слободна прошетка
Властите во Албанија се уште истражуваат кога и како Груевски влегол во нивната земја. Се претпоставува дека Македонија ја напуштил по илегален пат, но не се знае каде и како, ниту дали и во тој дел имал помош од унгарските дипломати. Она што е потврдено е дека граничните системи во Албанија не лоцирале легален влез на Груевски во нивната земја.
Во унгарската амбасада во Тирана, Груевски најверојатно формално се изјаснил дека сака да поднесе барање за азил. Тоа денеска го потврди и шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако одби да каже за која држава станува збор. Веројатно од таа причина и унгарските власти побрзаа да се оправдаат оти го примиле Груевски директно во Будимпешта, а не во некој од транзитните центри, од безбедносни причини.
За разлика од албанската и црногорската полиција, македонската се уште истражува и молчи.
Тоа пак создаде вистински хаос и блага хистерија во информациите кои се лиферуваат во македонските медиуми. Од тоа дека Груевски преоблечен како жена влегол во Унгарија, па до вечерашната вест дека Груевски наводно се уште е во Албанија и всушност никогаш не ја ни напуштил земјата.
Бројни медиуми се прашуваат како Груевски ги минувал албанската и црногорската граница без пасош, иако Македонија со години има договор со речиси сите западно-балкански држави кој овозможува граѓаните да се движат само со лични карти.