1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски-Орбан: Антимигрантска игра за лов на гласови

29 септември 2017

Во јавноста никој не го оспорува правото на Груевски да контактира со лидери на сестрински партии, а критиката е насочена кон лажните деривати на „темите“ за кои добива сестринска поддршка во пресрет на локалните избори.

Nikola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: MIA

Бројни реакции во македонската јавност предизвика „работната средба“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој вчера допатува во тричасовна средба во Охрид, „само“ како лидер на владејачката партија Фидес и немаше никаква официјална средба со политичкиот врв на земјата. На средбата присуствуваше и претседателот на Словенечката демократска партија, Јанез Јанша. 

Во јавноста никој не го оспорува правото на Груевски да контактира со лидери на сестрински партии, а критиката е насочена исклучиво кон лажните деривати на „темите“ за кои добива поддршка во пресрет на локалните избори, што открива од каде стигнува инспирацијата за одредени потези на опозициската партија, кои предизвикуваат тензии во домашната јавност. Тоа не го крие ни Орбан. На средбата оценил дека Македонија е важна држава за Европа иако не е членка на ЕУ, бидејќи има клучна улога во прашањето за мигрантите, и се повикал на студии на НАТО кои прогнозираат дека до 2020 година околу 60 милиони лица од Африка ќе тргнат во насока на Европа. 

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

„Го замолив Груевски, Македонија да стори се што е можно за да ја спречи таа преселба. Доколку таа маса луѓе помине низ нашите територии, радикално ќе ги смени нашите животи и услови за живот. Ние сметаме на Македонија во борба против таа наезда. Затоа застанував, а и во иднина ќе застанувам покрај господинот Груевски, бидејќи е политичар кој пред се ги држи интересите на неговата татковината. И решително настапува да ја заштитува својата држава од оваа најавена преселба на народите“, изјави Орбан на прес-конференцијата.

Посредна поддршка на референдумите

Ваквите пораки од лидерот на Фидес доаѓаат во време кога дваесетина општини раководени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ побараа на денот на локалните избори да се одржат и референдуми против владината стрегија за населување на мигранти. Државниот инспекторат за локална самоуправа ги стопираше ваквите решенија како спротивни на законот и ги даде на оценка пред Уставниот суд. Во Македонија во моментов има седум барања за азил и нема наплив на мигранти, па форсирањето на оваа тема од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но и на гостинот од Будимпешта, на социјалните мрежи се оценува како „дрско мултиплицирање на лажните вести за миграните“, односно „безобразна поддршка во измислувањето на нова надворешна закана, од која ВМРО-ДПМНЕ треба 'храбро да ја спасува' државата“.   

„Изгледа членката на ЕУ-Унгарија, не е информирана дека во Македонија имаше политичка криза во чие разрешување посредуваше ЕУ? И Орбан изгледа не е информиран дека овде не се проблем мигрантите, туку индициите и истрагите за криминалите на неговите домаќини“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Но, подржувачите на политиките на Груевски, во пораките од лидерот на Фидес гледаат исклучиво пријателско предупредување. 

Фотографија: Petr Stojanovski

„Орбан точно ја дефинирал својата порака, бидејќи оваа посета не е само израз на сестринска поддршка на партијата од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, туку поддршка на политика која е во интерес на цела Европа“, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

„Имаме сѐ повеќе влади кои се зависни од преку барата, пред сѐ, и некои држави се чувствуваат сѐ повеќе и повеќе загрозени. Европската унија е сѐ повеќе поделена, источните земји имаат поинакви интереси отколку западниот дел од ЕУ, а тука меѓу другите Орбан е еден носител на тие нови тенденции, односно зачувување на некакви сопствени интереси. И тука се вклопува и Груевски со својата политика, кој ги бранеше во основа македонските национални државни интереси“, рече Никовски во тв-интервју.

Груевски се жали на злоупотреби од власта

На средбата Груевски информирал за текот на изборната кампања и се пожалил дека таа поминува со низа злоупотреби од страна на владејачката гарнитура.

„Еден ден од објавувањето на листата градоначалници, безмалку секој ден има кривична пријава против некој од нив. Тоа значи дека опонентите се свесни дека ќе ги изгубат изборите, дека се исплашени заради тоа и дека во паника, спасот го бараат во користење на средства кои не се фер и не се регуларни“, ги информирал Груевски гостите од Унгарија и Словенија. Но, тие не се единствените на кои им се жалел. Неофицијално дознаваме дека во ЕПП нема големо изненадување од поплаките на Груевски, бидејќи тој „многу често“ испраќал писма во кои укажувал дека по смената на власта во Македонија е загрозена демократијата, слободата на медиумите, правната држава... Извори од ЕПП велат дека „во принцип не ги коментираат јавно ваквите средби, но со внимание следат дали испратените пораките кореспондираат со европските демократски вредности“.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

На поплаките на Груевски, на ФБ се осврнува професорот и поренешен амбасадор, Ѓорги Спасов.

„Кај нас, човекот на кого му даваат подршка и кој е обвинет за бројни други кривични дела од СЈО, кое е формирано со подршка од ЕУ од која доаѓаат, не само што не се срами и што свесно ја опструира правдата, туку и изигрува маченик и жртва на некаков политички прогон, и бесрамно повторува дека така работел и секогаш токму така ќе работел за Македонија (...) Во нивните земји политичар кој ќе беше фатен на дело, најкукавички да порачува насилни протести за демолирање на згради и кој праќа некакви верници и луѓе од подземјето физички да се пресметуваат со избран градоначалник од друга партија, одамна ќе беше не само веќе бивш политичар, туку и до крајот на животот ќе се извинуваше за такво срамно однесување“, пишува Спасов.

Сомнителна дистанца

Во дел од коментарите се забележува дека заменички именител на двајцата соговорници и нивниот домаќин се националистички политики, гарнирани со операциите „стоп за мигрантите, стоп за Сорос и напред за авторитарна 'демократија'“. Иако гостите најавија дека не се мешаат во локалните избори, прашање е како ја одредуваат „црвената линија“ што не треба да биде премината.

„Овде не сум да ја поддржам некоја од партиите, туку се работи за поддршка на демократијата, во чиј интерес е да не се злоупотребуваат процесите“ изјави Јанша на прес-конференцијата во Охрид. Но, неговите подоцнежни пораки беа поразлични од најавата. Како што известија проопозициските медиуми тој присуствувал на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани и Струга, на кои изразил голема поддршка за партијата за нејзина победа на локалните избори.

Фотографија: Reuters

„Знам дека сите вие нестрпливо го очекувате говорот на Никола, затоа дозволете ми да бидам што пократок да ви посакам победа на претстојните избори. Убеден сум дека господинот Цветомир кој што го знаеме во Словенија како добар стопанственик ќе победи и на ден на таа победа и ние во Словенија ќе отвориме шампањско“, изјавил Јанша во Вевчани.

Во дел од коментарот на Спасов, се вели: „Кога веќе не сакаат да му советуваат (на Груевски -н.з) дека конечно треба да се повлече од политиката за да не ја срами и Европската народна партија, не е лошо да го подучат барем да не помислува да ги прави глупостите од локалните избори во 2013 година кога ги шеташе гласачите од Пустец низ Македонија, кога ги блокираа лифтовите во висококатниците во Центар за да не се гласа за СДСМ, кога ги отвораа црните вреќи за да видат кој не излегол на гласање, и други глупости“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми