Груевски: Подготвен сум да и’ подадам рака на СДСМ
14 јуни 2014![](https://static.dw.com/image/16104990_800.webp)
Груевски рече дека сака да и’ подаде рака на СДСМ за да престане деструктивното однесување за државата и за граѓаните.
„Јас сум спремен да им понудам пакет, кој ќе ги адресира сите нивни грешки, исто како што го прифативме, на нивно барање, она понижувачко обележување со мастило, само за да се уверат дека нивниот неуспех не лежи во тоа. Единствено што барам од нив е да престанат со ова деструктивно однесување за државата и за сите граѓани во неа. Јас подавам рака. Нивно е дали ќе ја прифатат. Македонија мора да оди напред, а СДСМ мора да се однесува одговорно“, порача Груевски.
Тој изјави дека искрено се надева оти ќе се најдат сили, ќе се собере храброст за партијата да се врати на вистинскиот пат и да ја води својата политичка битка, како што рече, онака како што се прави во целиот цивилизиран свет. Тој побара членството на СДСМ да и помогне на партијата да излезе, од како што рече, овој вртлог.
„Затоа што ни требаат и нам како власт и на Македонија како консолидирана опозиција во еден нормален демократски амбиент. На крајот тие ќе решат самите за себе“, изјави Груевски.
Притоа Груевски рече дека мнозинството од челните луѓе на СДСМ „се класични неработници, арогантни и упорно одбиваат да сфатат дека во нив е грешката“.