1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски сака дијалог со опозицијата и со Грција

АМ/миа27 септември 2014

„Не размислуваме за предвремени избори. Размислуваме за избори во 2018 година“, изјави денеска (27.09) македонскиот премиер Никола Груевски по обраќањето по повод 100 дена од формирањето на новата Влада.

Фотографија: MIA

Груевски претходно во својот говор рече дека ќе вложи напори за почнување на дијалогот со опозицијата, но нема да дозволи да се создаваат преседани.

„Дијалогот со опозицијата ќе се трудиме да отпочне, како што се трудевме и досега, и ќе продолжиме со тие напори. Ќе се трудиме да отпочне и да биде на принципиелна основа, како што тоа досега го правевме. Но, никако нема да дозволиме граѓаните и нивната слободно изразена волја да бидат уценувани или да се создаваат преседани кои понатаму ќе воведат лоши практики и ќе ја срушат смислата на слободно дадениот глас и поддршка на некоја политичка опција“, рече Груевски.

Слободата на говор и медиумите – треба да се зајакнат

Во однос на предизвиците, премиерот посочи дека постојат во повеќе полиња и оти владините претставници се потполно свесни за нив.

„Судството, медиумската област, јакнењето на слободата на изразување се полиња чии демократски капацитети сакаме да ги зајакнуваме и понатаму. Онаму каде можеме директно придонесуваме. Онаму каде што не можеме директно сите конструктивни забелешки ги адресираме до надлежните инстанци“, рече Груевски.

Тој уште еднаш потенцираше дека стратешки приоритет остануваат евроатланските интеграции на кои, според премиерот, се работи и покрај пречката со спорот за името. „Наш фокус останаа реформите поврзани со ЕУ и Македонија продолжува со нив“, рече Груевски.

Премиерот ги нагласи реформите во судството, јавната администрација, подобрувањето на севкупната економска состојба и воспоставувањето професионални стандарди, како пет приоритетни области во процесот на евроатланската интеграција. Според Груевски, стратешки интерес останува и членството во НАТО, па Македонија и понатаму ќе биде активен учесник во мировните мисии. Во однос на Грција Груевски рече: „Ние постојано укажуваме дека сме отворени за разговори, за дијалог. Но, тоа е процес кој зависи од волјата на соговорникот“.

Груевски денеска уште нагласи дека континуирано се работи на подобрување на положбата на немнозинските заедници преку нивно интегрирање во општеството, преку образованието, правичната застапеност - особено на помалите етнички заедници, употребата на нивните јазици, децентрализацијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми