1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Секоја победа денес е нов Илинден за идните поколенија

АМ/миа2 август 2014

„Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме“, рече премиерот Груевски на прославата на АСНОМ и Илинден во Пелинце.

Фотографија: MIA

„Честа е голема, заеднички да го одбележиме 2 Август, денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чувствуваат за свој дом“, порача Груевски, додавајќи дека „ова е еден од најубавите и најголемите македонски и државни празници!“

Премиерот додаде дека „цели генерации на луѓе, цели генерации наши предци од сите етнички заедници, култури и религии имале заеднички сон и заедничка визија“.

„Затоа денес слободно можеме да кажеме дека она што го изградиле нашите предци во минатото е нашиот најцврст темел врз кој што ја градиме нашата иднина! Затоа сме тука ние - следните генерации, за да остане трага, да се потсетиме, да заблагодариме, да ги пренесеме овие вредности и историски пораки до нашите поколенија, да вреднуваме, да прославиме“, рече Груевски.

Тука сме, додаде тој, за да се говори за нашите победи како нација и како граѓани, да се знае дека сме биле на вистинската страна на историјата, и дека нашите победи сами сме ги извојувале, и затоа се поголеми и позаслужни.

„Ние бевме дел од антифашистичката светска коалиција. Ние правата, цивилизациските права, самостојно ги извојувавме, и затоа никој не може да ни ги присвои, одземе или укине! Темел на тоа се 26.000 животи кои ги положивме во светлото на слободата! Ние имаме обврска тие права да ги браниме“, порача премиерот Груевски, додавајќи:

„Ние мора да учиме од нашето минато, и мора да опстоиме и продолжиме со наша жртва за историјата, и за иднината. Ние не смееме да отстапуваме од патот кој тие го трасираа. Колку и да е тешко, колку и да се појавуваат препреки, ние мора да ги совладуваме и мора да бидеме цврсти и посветени на она што е наша визија и наш сон“.

Секој 2 Август, рече Груевски, Македонија се сеќава на тежината со која е стекната слободата, самостојноста и државноста.

„Можноста да бидеме овде, да бидеме слободни, да ви се обратам на македонски јазик, се должи на минатото, на големиот број дадени животи, на мноштвото изгубени генерации. Она што денес е наше секојдневие, за нив било само копнеж и недостижен сон. Токму затоа, со почит ги спомнуваме нивните имиња денес и ветуваме дека нема никогаш да паднат во заборав“, рече Груевски.

Тие, нагласи премиерот, своето утре несебично го дале „за да ние имаме наше денес, а ние нашето денес да го вложиме за подобро утре на генерациите кои доаѓаат и кои ќе не наследат“.

„Она што го имаме денес не е само наше, ниту пак е само за сега. Го имаме благодарение на минатото и поради тоа треба да го чуваме како нешто безвременско, нешто што припаѓа колку на нашата, толку и на минатите и идните генерации Македонци“, рече Груевски. „Да продолжиме да се движиме напред кон сигурна иднина, затоа што секоја наша победа денес е нов Илинден за идните поколенија“, порача премиерот Никола Груевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми