1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски смета дека изборите се излез од кризата

Б. Георгиевски7 април 2016

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски порача дека изборите се единствен излез од кризата обвинувајќи ја опозицијата дека се занимавала со шпионажа, уцени и деструкција.

Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски порача дека избори на 5 јуни мора да се одржат затоа што во нив гледа ставање „крај на агонијата и кризата“ во која се нашла Македонија.

Груевски ја обвини опозицијата дека зад кризата стоел обид за „насилна промена на власта“.

„Доста беше. Оваа криза мора да заврши и зад оваа криза не стојат никакви заложби за слобода на медиуми ниту демократија и борба против корупцијата, стои немоќ, страв, фрустрации, обид за поткуп на идентитет и насилна промена на власта во Република Македонија од страна на опозицијата“.

Според експремиерот, опозицијата не се занимавала со политика, идеи и решенија, туку со „шпионажа, уцени и деструкција“.

„Тоа мора да запре“, рече Груевски на прес-конференција која се започна неколку минути по обраќањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Груевски смета дека опозицијата одбива да оди на избори поради двојно помалиот рејтинг од неговата партија.

„Одиме на избори и нека победи подобриот, нека победи тој во кого граѓаните имаат поголема доверба“.

„ВМРО-ДПМНЕ убедливо води пред СДСМ и тоа го знае и лидерот на опозицијата. Во двојна предност е ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. Тоа е причината зошто СДСМ не сака да оди на избори, тоа и ништо повеќе. Дали заради тоа цела држава треба да се држи во заложништво“, рече Груевски.

Според него, „избори мора да има и ќе има“.

„Доста е од поделеноста, доста е гневот и фрустрацијата, доста е со кризите, наша одговорност е да решаваме кризи, проблеми, не да бидеме дел од нив“.

Преносот од прес-конференцијата на Груевски на интернет беше прекинат веднаш откако заврши неговото обраќање и беа најавени прашања од новинарите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми