Неофицијално, деновиве била реализирана анкета на примерок од 1.000 испитаници-членови на ВМРО-ДПМНЕ, од кои 49% рекле дека ја поддржуваат иницијативата на реформаторите, а 79% дека поддржуваат реформи во партијата.
Реклама
Информациите дека расте поддршка за инцијативата за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемуваат нервозата кај оние кои не се заинтресирани да се случи таков процес, со цел да го задржат монополот врз функциите и централизираното функционирање на партијата, велат од иницијативата за реформи. Како силна индикација за таквите состојби, го посочуваат и вчерашниот инцидент, кога возилото со кое управувала сопругата на еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, било следено од непознато лице кое управувало возило „Шкода супер“. Во близина на НБРМ лицето во повеќе наврати се обидело да предизвика сообраќајна незгода. Откако успеала да побегне, таа случајот го пријавила во полициска станица. Од МВР најавија дека ќе бидат преземени мерки по утврдување на идентитетот на возачот.
Откажи се, ќе биде сѐ О.К!
Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ досега одбиваа да зборуваат за притисоците и заканите врз нив, со образложение дека не сакаат да им придаваат значење на таквите методи, но и дека не се изненадени од нив со оглед на отсуството на демократија во партијата.
„Добро им ги знаеме методите и не им се плашиме. Тоа се специјални закани кои перманентно доаѓаат и имаат две крајно спротивставени пораки. Од една страна, нема лице од иницијативата за реформи до кого не е испратена заканата 'Не си свесен што ќе ти се случи', а во исто време и друга: 'Но, ако се предомислиш, сѐ ќе биде О.К.' Тие методи не даваат резултат. Досега никого немаат 'скршено', напротив, само потврдуваат дека кај некои структури нема подготвеност за отворена и демократска дебата, и уште повеќе нѐ мотивираат и нѐ прават поодлучни во намерата да отвориме процес за демократизирање на партијата“, велат иницијаторите.
Нивните комуникации на социјалните мрежи се постојано надгледувани, а оние кои им даваат поддршка - предупредувани. Медиумите под контрола на опозицијата тоа и не го кријат - објавуваат кој ставил „лајк“ на ФБ-групата на реформаторите и погрдно ги именуваат како „деформатори“.
Како што неофицијално дознава ДВ, деновиве била реализирана анкета на примерок од 1.000 испитаници - членови на ВМРО-ДПМНЕ, од кои 49 проценти се изјасниле дека ја поддржуваат иницијативата на реформаторите, а 79 проценти дека поддржуваат реформи во партијата. Дали таа информација дополнително го вклучила алармот?
Дегруевизација или девмроизација?
Потребата од реформи во ВМРО-ДПМНЕ не е акцентирана само од оваа иницијатива. Според извори од ЕПП, во европската десница „има разочарување и изненаденост од фактот дека бројните индиции за одредени девијации на лица од партијата во време на нивната власт, не биле проследени со конкретни потези, пред сѐ кадровски, како јасен сигнал дека партијата нема да дозволи баластот на тие сомнежи да се преслика врз целиот партиски организам“. Тие не сакаат да се впуштаат во јавни коментари дали ваквите забелешки се дадени до партиското раководство, додавајќи дека „во услови на изградена политичка култура и зрела партиска демократија некои нешта самите се подразбираат“.
Реформаторите тврдат дека партиска демократија -нема! Прашањето пред кое сега е исправена партијата е - дали воопшто ќе отвори внатрешна дебата за состојбите, дали таа дебата ќе биде слободна или диригирана од раководството и дали ќе биде проследена со суштински промени? Според познавачите на состојбите во партијата, од тоа ќе зависи дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се „дегруевизира“, или ќе се „девмроизира“ од политичката сцена, односно дали нереформираната партија сѐ повеќе ќе слабее, а власта ќе остане без силна опозиција што ќе ја контролира нејзината работа.
Кој ќе се срами?
На последниот, 15-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржан во Куманово на 2-ри и 3-ти мај 2015 година, по сите скандали што се слушнаа од „бомбите“, Груевски беше реизбран за лидер со 528 гласа од 529 делегати, бидејќи едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко. Таквиот „титоистички“ избор не му пречеше на Груевски, а неговата неприкосновеност во партијата сѐ повеќе рефлектира отсуство на слух за какви било реформи. Пред десетина дена во интервју за ТВ „Нова“ тој ги искритикува реформаторите.
„Се прават и ќе се прават обиди јас да заминам од врвот на партијата. Овие луѓе кои се нарекуваат 'реформатори', во минатото беа петти, шести ешалон, кои што ништо не работеле за државата, туку за себе сработиле еден куп работи. Тие се изнајмени, тие се под наем да завршат одредена работа и тие се горди со тоа, се фалат. Целта им била јас да се тргнам. Тие луѓе ќе се срамат додека се живи за тоа што го прават, ќе се срамат од своите деца и од своите внуци“, рече Груевски.
Дел од инцијаторите му одговорија дека е срамно да шири невистини за луѓе што се „дрзнале“ да побараат демократски реформи во партијата, и дека единствениот што ќе се срами е тој, ако знае што е срам.
Лицата на македонската политика
Ниту предвремените парламентарни избори не донесоа нови лица на македонската политичка сцена. Излезот од политичката криза останува неизесен. Таа сега се заканува да прерасне во меѓуетничка криза.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Христијан Мицкоски- ВМРО-ДПМНЕ
По катастрофалниот пораз на локалните избори, Мицкоски го замени дотогаш неприкосновениот Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Огненото крштевање Мицкоски го имаше на антивладиниот митинг одржан на 2 јуни во Скопје. Оттаму порача дека нема да поддржи промена на Уставот заради промена на името на државата и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година.
Фотографија: Petr Stojanovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ.На чело на Владата застана во мај 2017 година.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Во меѓувреме. под силен внатрепартиски притисок, го смени ставот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата партија- Левица остана надвор од парламентот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. По изборите остана вон парламентот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. На изборите оствари незначителен резултат.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. По изборите стана клучен играч за формирање на ново владино мнозинство. Локалните избори ќе дадат одговор на прашањето дали Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а неговата Обединети за Македонија не се прослави на предвремените избори. По изборите повторно, речиси целосно се повлече и ретко се појавува во јавноста.