1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузија и Молдавија аплицираа за членство во ЕУ

БГ /АФП
3 март 2022

Двете поранешни советски републики кои се под постојан притисок од Русија одлучија да побараат членство во ЕУ. „Ние сме европски држави“, порачаа лидерите на двете земји. Украина исто така побара членство неделава.

Иракли Гарибашвили
Грузискиот премиер Иракли ГарибашвилиФотографија: YVES HERMAN/AFP/Getty Images

Грузија и официјално аплицираше за членство во ЕУ во четвртокот, соопшти премиерот Иракли Гарибашвили, откако Европскиот парламент претходно изрази подготвеност за прием на нови кандидати по апликацијата на Украина.

„Денеска аплицираме за членство во ЕУ“, рече Гарибашвили откако го потпиша пристапниот документ.

„Грузија е европска држава и дава вреден придонес кон нејзината заштита и развој. Историјата го одреди европскиот избор на грузискиот народ како нивна стратешка цел“, рече тој.

Владејачката партија во Грузија се најде под голем притисок на опозицијата да го следи потегот на претседателот на Украина Володимир Зеленски и да поднесе апликација за членство. Минатата година властите во Тбилиси најавија дека планираат да ја поднесат апликацијата во 2024 година. Владата во изминатиот период се соочуваше со сериозни критики поради назадувањето на демократијата што ги влошија односите со Брисел.

Обидите на Грузија и Украина да изградат подобри односи со Западот долго се трн во око на Москва. Тензиите кулминираа со руска инвазија врз Грузија во 2008 година. Западните дипломати се загрижени дека Грузија и Молдавија би можеле да бидат следните цели на агресивната политика на Путин.

Претседателката на Молдавија Маја Санду денеска исто така ја потпиша формалната апликација за членство на нејзината земја во ЕУ. Таа најави дека документот ќе биде однесен во Брисел следните денови.
„Сакаме да живееме во мир, демократија и слобода“, изјави Санду.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми