1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Грујевски и Бошковски во непознат правец

27 јули 2017

Двајцата биле барани на шест-седум локации, каде според оперативни сознанија на МВР би можеле да престојуваат, но никаде не биле најдени. Засега нема сознанија дали илегално заминале од Македонија

Symbolbild Polizei Mazedonien
Фотографија: MIA

Поранешниот началник на Петтата управа во Управата за безбедност и контраразунавање, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошковски, кои полицијата вчера требаше да ги спроведе во притвор, според сите индиции се во бегство. Ниту едниот, ниту другиот вчера не биле најдени во нивните домови кога полицијата пристигнала со налог за нивно спроведување во притвор. Ова уследи откако петчлениот совет на Врховниот суд вчера донесе решенија со кои се одбиени жалбите на Грујевски и Бошковски и со тоа ги потврди решенијата на Апелацискиот суд Скопје за определување мерка притвор за двајцата во траење од 30 дена.

„Ни Грујевски ни Бошковски не беа дома. Нивните сопруги изјавија дека не знаат каде се“, велат извори од полицијата. Двајцата биле барани уште на шест-седум локации, каде според оперативни сознанија на МВР би можеле да престојуваат, но ниту таму не биле најдени. Двајцата легално не можат да ја напуштат земјата и вчера не биле евидентирани на граничните премини. Засега нема сознанија дали илегално заминале од земјата или нашле засолниште во неа. Нивното лоцирање според сигналот на мобилните телефони е невозможно, бидејќи и двајцата своите телефонски апарати ги „заборавиле“ дома, каде биле евидентирани од страна на полицијата.

Фотографија: Petr Stojanovski

Судот им даде шанса за бегство 

На можност од бегство уште минатата недела предупредија повеќе правни експерти, откако тричлениот совет на Апелациониот суд Скопје во решенијата напиша дека „мерката за притвор ќе стапи во сила по правосилност на решението“, со што нејзиното спроведување го одложи до завршувањето на жалбената постапка пред Врховниот суд.

„Ако второстепен суд утврдил основа за изрекување мерка притвор, тогаш решенијата за притвор се итни, бидејќи додека трае жалбената постапка и натаму постојат сите основи поради кои е одреден притворот - опасност од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото“, предупредија правни експерти, посочувајќи дека одредбата во Законот за кривична постапка е јасна: „Жалбата на обвинетите не го одлага спроведувањето на изречената мерка притвор“.

Според нив, ваквиот потег на судот е „резултат“ од преседанот што го направи Врховниот суд, кога по Барање за заштитата на законитоста поднесено од ЈО во случајот со притворот за Сеад Кочан, „утврди кршење на законот од страна на Кривичниот совет и Апелациониот суд“, бидејќи ценеле дека жалбата не го одложува извршувањето на одлуката.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Притисок врз сведоци

Грујевски и Бошковски се дел од обвинетите во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ за незаконско следење на комуникациите на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело. СЈО до судот доставило огромен број докази што укажуваат зошто е неопходно обезбедување на присуство на обвинетите во кривичната постапка по повеќе основи, меѓу кои, најмногу заради вршење влијание врз сведоците од страна на двајца од обвинетите. Имено, при извршениот претрес кај Грујевски од страна на СЈО бил пронајден тефтер со евиденција за тоа кој сведок во колку часот влегува во СЈО и од кој обвинител е испрашуван, а потоа истите лица биле повикувани од обвинетите, кои ги распрашувале каков исказ дале во СЈО и им давале натамошни упатства како понатаму да се однесуваат и што да одговараат на одредени прашања. Иако дел од подотоците претходно биле бришени, со помош на информатички форензичар дел од нив биле повратени, а меѓу нив била откриена папка со наслов „СЈО“ во кои биле сместени упатствата и евиденцијата за сите лица што давале исказ во Специјалното јавно обвинителство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми