1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците немаат доверба во медиумите

9 јули 2019

Грците избраа нова влада, но вербата во демократскиот систем е длабоко разнишана. Тоа го покажува и постоењето недоверба во медиумите. Довербата во мејнстрим медиумите континуирано опаѓа уште од 2005 година.

Griechenland Parlamentswahl in Athen
Фотографија: picture alliance/dpa/Sputnik/K. Ntantamis

Димитрис Буцикос студира новинарство од убедување. Иако, новинарството не е лесна работа во Грција во ова време. Довербата на луѓето во медиумите е стигната на најниска точка. „Кај многу весници и други медиуми е сосема јасно препознатливо која партија ја поддржуваат“, критикува 20-годишникот од Атина. Токму од таа причина многу луѓе во Грција им вртат грб на традиционалните медиуми.

Тесната испреплетеност меѓу политиката и медиумите е една од главните причини за медиумската криза во Грција, вели идниот новинар. Бројни негови сонародници имаат слично мислење. „За политичките настани се информирам преку пријателите и на работа“, вели една 56-годишна жена од Солун по гласањето на вонредните парламентарни избори. Таа не им верува на медиумите. „Телевизиите ги извртуваат настаните онака како што им треба во моментот, се раководат од интересите на партијата од која добиваат пари“. До ист заклучок доаѓа и еден 33-годишен продавач, и тој собира информации од приватното опкружување: „Создавам сопствено мислење и го разменувам со пријателите.“

Димитрис Буцикос сака да ја врати довербата на јавноста во медиумитеФотографија: DW/F. Schmitz

Известување во корист на пријателите

Во текот на изминатата изборна кампања, делумно дојде до случаи во известувањето кои ја потврдуваат критиката на многу Грци кон грчките медиуми. Неполни 24 часа пред отворањето на гласачките места, Евангелос Маринакис, индустријалец и медиумски могул, објави писмо во кое побара Грците да излезат на гласање, апелирајќи за „нова епоха“, „без лаги и опасен популизам“, заради спречување на „распродажбата на татковината.“ Маринакис, венчален кум и близок пријател на новоизбраниот премиер  Киријакос Мицотакис,  вината за сите овие негативности ја префрли лично врз тогаш актуелниот премиер Алексис Ципрас.

Маринакис е крупен бродосопственик и еден од најбогатите и највлијателни луѓе во Грција. Тој е сопственик на фудбалскиот клуб „Олимпиакос“, како и на различни телевизии и печатени медиуми, меѓу кои и весникот „Та неа“, кој застапуваше порано социјалдемократска позиција, но по преземањето од страна на Маринакис сврте кон конзервативна агенда.

Мноштво од приватните медиуми во Грција се критички  настроени кон досегашната владејачка партија Сириза и нејзиниот лидер Алексис Ципрас.  Во интервју за ТВ Скај премиерот беше соочен со исклучително критички прашања, но кон неговиот конзервативен предизвикувач Киријакос Мицотакис тие беа очигледно поблаги. Еден лапсус на водителката Сиа Косиони, која шефот на Нова демократија го претстави како Kyriarcho Мицотакис, на македонски газда Мицотакис, предизвика бранувања. Но, Мицотакис не мораше да одговара на критички прашања. Можеби и поради тоа што Косиони е сопруга на неговиот внук Костас Бакојани, новоизбраниот градоначалник на Атина.

Изостана валкана предизборна битка

Без оглед на одделни инциденти, Панајотис Пахалидис, научен соработник на Грчката фондација за европска и надворешна политика, известувањето за време на изборната кампања и изборите на 7. јули го оценува како главно позитивно: „Охрабрувачки е што наспроти стравувањата, не владееше премногу скандалирачка клима. Напротив, имаше контроверзи на ниво на програмите, се чини дека тука медиумите играа позитивна улога, зашто јавната дебата не ја втурнаа во екстремен и агресивен правец.“

Сепак, ситуацијата на грчките медиуми е тешка. На Индексот на слобода на медиумите, Грција се наоѓа на 65. место, пред Нигер и зад Хрватска. Медиумскиот свет доживеа расцеп првенствено во текот на кризните години. Точно е оти и во тоа време имаше новинари кои известуваа критички, но економската ситуација значително го отежна слободното известување.

„Во време на економската криза изгледа многу новинари беа принудени да се приспособат на позициите одредени од сопствениците на медиумите. Но, постојат знаци за свртување на овој тренд.“

Никос Панајоту е загрижен од губењето доверба во професионалните медиумиФотографија: DW/F. Schmitz

Недоверба и во политичкиот систем

И Никос Панајоту, професор на Институтот за медиумски науки на Универзитетот Солун, е загрижен за осипувачката доверба во професионалните медиуми, не само во Грција. „Кризата на медиумите во Европа не е феномен од последните години. Различни студии покажуваат дека довербата во мејнстрим медиумите континуирано опаѓа уште од 2005 година," вели тој.

Притоа, недовербата не се ограничува само на самите медиуми, туку е во тесна корелација со длабоката недоверба кон политичкиот систем и неговите институции. Во Грција овој проблем е посебно истакнат. „Перцепцијата на луѓето за тесна поврзаност меѓу политиката и медиумите, води кон тоа тие да се свртуваат кон алтернативни извори на информации, кои се многу полоши. Застрашувачки голем број луѓе слепо им веруваат на секакви блогови, кои се уште посилно поврзани со одредени интересни групи.“

Секако, медумите одамна не се однесуваа секогаш толку критички колку што мораше, вели Панајоту, но според него, нивниот имиџ е полош одошто реалноста. „Медиумите се дел од политичкиот систем, оттаму постојат и врските со политиката. Во време кога имаше пари, медиумите не се дистанцираа доволно, така што сликата во очите на граѓаните стана полоша. Медиумите сега мора да покажат дека можат да известуваат објективно. Мораме да издиференцираме - кој врши добра работа, а кој не?“

Потенцијалот на младите новинари

За студентот Димитрис Буцикос е непобитно дека токму младите генерации новинари можат многу да понудат. Дотолку повеќе, што тие имаат поширок поглед. На пример, во летната програма на Универзитетот Солун се собраа 40 идни новинари од цел свет, меѓу кои и Буцикос, за да разменат искуства и мислења. Тој би сакал во иднина помал број медиуми, но поголем квалитет. Тој сака да работи одговорно и да ја почитува јавноста: „Ние во Грција мораме да ја вратиме намалената доверба на луѓето, а тоа е неможно ако не ја промениме постојната ситуација.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми