Мнозинството Грци не сака да го дели името Македонија со соседите. Премиерот Ципрас од тоа би можел да профитира, пишува денеска печатот на германски јазик.
Реклама
Под наслов „Спорот околу Македонија ги дели Грците“ неколку весници од Германија, Австрија и Швајцарија го пренесуваат текстот на Герд Хелер од Атина на тема спор за името. На почетокот на текстот се пренесува атмосферата во Грција пред гласањето во парламентот за Преспанскиот договор. Тој почнува со отвореното писмо на композиторот Микис Теодоракис до пратениците во грчкиот парламент, со кое тој од нив бара да му кажат „не“ на Преспанскиот договор , затоа што стравува од „непоправливи штети“ за својата земја. Натаму се вели:
„Така размислуваат многу Грци. Во истражување на јавното мислење на институтот Марк, објавено во неделата, двајца од тројца испитаници го отфрлаат Договорот. Во неделата на плоштадот Синтагма во Атина се собраа над 100.000 луѓе кои протестираа против Договорот. И покрај резултатите од анкетите и протестите, премиерот Алексис Ципрас се држи до она што по напорни преговори е договорено минатата пролет со македонскиот премиер Зоран Заев. Ципрас зборува за 'историски чекор'. Тој смета дека договорот за името е негова 'патриотска должност'. И, тоа може дури и да му успее... Набљудувачите сметаат дека на крајот за Договорот може да гласаат 152 или 153 пратеници.“
Давајќи кус преглед на спорот за името, авторот оценува дека „надвор од границите на Балканот спорот ретко наидува на разбирање“. Освен тоа, се наведува и дека покрај „внатрешнополитичката експлозивност“, спорот е и „безбедносно-политички пикантен“:
„Досега Грција поради спорот за името го блокираше приемот на Македонија во НАТО. Со приклучување кон Алијансата ќе се потисне растечкото влијание на Русија во регионот. А, Договорот има и економска смисла. Македонија е важен трговски партнер особено за северна Грција. И обратно, Македонија во голем дел од надворешнотрговското работење е упатена на грчкото пристаниште Солун.
Ципрас знае дека Договорот и покрај очигледните предности кои ги има за Грција и Балканот, нема мнозинска поддршка од грчкото население. Ратификацијата на Договорот значи нема да му донесе нови приврзаници, напротив. Ципрас смета со нешто друго. Малата централно-левичарска партија То Потами е соочена со распад поради конфликтот со Македонија, затоа што не може да најде заедничка линија. Тешки тензии поради тоа што дел од пратениците сакаат да гласаат за договорот со Македонија, напроти поинаквиот став на партиското раководство, има и во социјалдемократското Движење за промени, партија наследничка на социјалистичкиот Пасок. Ципрас се надева дека овие 'одметници' ќе може да ги приврзе за Сириза и дека ќе ги апсорбира навреме конкурентските партии пред парламентарните избори наесен, според мотото 'Подели, па владеј'.“
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.