1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грците скарани како никогаш досега“

30 мај 2011

Програмата за штедење на грчката влада не ги даде очекуваните резултати. Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен и’ се закани на Грција со запирање на финансиската помош, ако не се остварат договорените критериуми.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Ди Велт“ ги пренесува предупредувачките зборови на еврокомесарот Оли Рен:

„Ова не е време за долгорочни преговори. Сите политички партии во Грција, вклучувајќи ја и опозицијата, мора да се однесуваат конструктивно и да ја поддржат програмата за реформи на ЕУ и ММФ, инсистира Оли Рен. Јуни е критичниот месец што се однесува до надминувањето на должничката криза. Тој или ќе претставува почеток на крајот на кризата или пак ќе биде пропуштена шансата таа да се надмине. Тоа може да ја втурне евро-зоната во тешка криза со негативна домино реакција во финансискиот систем и со прелевање на кризата во други земји. Затоа реформските критериуми се тест за целото грчко општество, порачува комесарот Оли Рен“, читаме во „Велт“

Весникот „Фајненшел тајмс дојчланд“, под насловот „Грција соочена со квадратурата на кругот“, објавува статија за внатрешно-политичките проблеми во Грција.

„Грците се меѓусебно скарани како никогаш порано. Пред се’ опозициската Нова демократија откажува конструктивна соработка. Неодамна нејзиниот лидер Антонис Самарас ги одби понудите на премиерот Папандреу. Грчките конзервативци, за време на чие владеење грчкиот долг се зголеми за три пати, би се сложиле со планираната приватизација, но затоа одбиваат соработка околу нови мерки на штедење, со објаснување дека тоа уште повеќе ќе и наштети на конјунктурата во земјата. Тие напротив предлагаат даночни олеснувања и бараат нови преговори со ’тројката’ околу мерките за надминување на кризата.

Нови предвремени избори, пак, не се решение, бидејќи обете народни партии имаат многу лош рејтинг во анкетите на јавното мнение. Неодамна шефот на едно од грчките стопански здруженија предложи да се одржи референдум со прашање: да ја продолжиме политиката на штедење и реформи или да се вратиме на старите драхми.“

Австриски „Ди пресе“ пишува за уште еден грчки проблем, кој може дополнително да ја влоши кризата:

„Најголемиот проблем на грчката влада не е ММФ, туку загубата на доверба кај домашното население. Од почетокот на годинава Грците подигнале од приватните конта преку 31 милијарда евра. Парите или се вложуваат во конзум или пак се префрлаат на сигурно во странски банки. Доколку ваквиот тренд на подигање на заштедите продолжи и дури се засили, тогаш на земјата нема да и’ помогне никаков фонд за спас“, заклучува весникот „Ди пресе“ што излегува во Виена.

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми