1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - Албанија: заострување на спорот околу локалните избори во Химара

19 ноември 2003
Официјална Атина дополнително го заостри ставот кон Тирана, поради нарушувањето на демократскиот процес на неделните повторени локални избори во јужниот регион населен со грчко малцинство. Подобрување на застудените односи не е на повидок ни по вчерашната средба на албанскиот амбасадор во Атина, Башким Зејнели со заменик-министерот за надворешни работи, Тасос Јаницис.

Албанскиот амбасадор во Грција, Башким Зејнели, на свое барање се сретна со заменик-министерот за надворешни работи, Тасос Јаницис, при што ги пренесе желбите на Албанија за зачувување на добрите меѓусебни односи. Јаницис на тоа одговорил дека намерите на владата на албанскиот премиер Фатос Нано ќе бидат оценувани според постапките, а не според декларациите. Грчката влада со скепса реагира на официјалното ветување од Тирана за истрага поради малтретирањето на припадниците на грчкото малцинство и за казнување на извршителите, што го изнесе министерот за правда, Спиро Печи:

"Владата на Албанија, како што рече и премиерот Фатос Нано, ќе стори се' што е во нејзина можност за одговорните да бидат изведени пред лицетео на правдата."

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Папандреу, вчера во Брисел побара од ЕУ официјално да ја предупреди Албанија и да биде строга кон неа во започнатите преговори за Спогодба за стабилизација и асоцијација. На барањето евро-комесарот задолжен за надворешна политика, Крис Патен одговори на следниот начин:

"Ние секако ќе ги проследиме проблемите што Јоргос ги покрена во разговорот со нас и ќе побараме од албанските власти дека, ако сакаат понатаму да и' се приближуваат на Европа, ќе мораат да се придржуваат кон нејзините стандарди."

Атинските медиуми известија дека владеачките албански социјалисти ги фалсификувале изборите во грчкото малцинско подрачје ка градот Химара, дека исто така некои грчки кандидати биле претепани, а еден дури бил прободен со нож пред камерите. Сето тоа се толкува како притисок заради иселување на малцинските Грци во Грција. Дел од грчките весници заострувањето на ставот на Атина кон Тирана го поврзува и со минатонеделниот напис во германскиот весник "Шпигел", во кој се зборува за подготовка на албанскте екстремисти со оружен бунт во пролетта 2004. да отцепат дел од Грција и да го присоединат кон Албанија.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми