Грција: Антисемитски шампион на Европа?
21 октомври 2020Во Грција постои едно истражување за антисемитизмот, а тоа е старо речиси 6 години. Направено е на барање на организацијата Anti Defamation League, а тоа што го покажа длабоко го шокираше грчкото општество. Според ова испитување 69 отсто од Грците имаат антисемитски чувства. Тоа е далеку најмногу во ЕУ каде во 2014 година просекот беше 26 насто, во западна Европа 24 отсто, а во источна Европа 34 насто.
Веродостојноста на ова испитување, секако, веднаш беше доведена во прашање, но оттогаш не е дадено барање за спроведување на друго истражување, па до денес не се знае дали оваа застрашувачка бројка е веродостојна.
Од една страна во Грција нема случаи на насилство против Евреи, членовите на малубројната еврејска заедница не се плашат од напади, а во Јанина во 2019 година за градоначалник за првпат во Грција беше избран еден Евреј, Мосес Елисаф.
Во Грција радо се сеќаваат на атинскиот епископ Дамаскинос кој за време на германската окупација во Втората светска војна ги спаси животите на илјадници грчки Евреи. А, исто така, радо се заборава пасивноста за време на депортацијата на Евреите во Солун и илегалното присвојување на нивниот имот од страна на домашните помагачи на нацистите.
Затворските казни за раководството на Златна зора
Од друга страна сѐ е почест вандализамот на еврејските споменици и малубројните споменици на жртвите на холокаустот, главно со испишување или цртање на антисемитски и националистички пароли и симболи. Неодамна беа осквернети еврејските гробишта во Атина и на островот Родос, како и споменикот на жртвите на холокаустот во Солун.
Повеќе:
-13 години затвор за водачот на грчката неонацистичка партија Златна зора
-Забрана за грчките неонацисти- победа за демократијата и правдата
-Насилството на десните екстремисти во Грција не запира
И тоа во една недела, кога грчкото правосудство донесе историска одлука. Неонацистите од партијата Златна зора се осудени на долгогодишна казна затвор не само поради злосторствата како што се убиство и нанесување телесни повреди и илегално поседување на оружје, туку и поради создавање криминална организација. Осудено е целото партиско раководство и покрај обидите на некои, дури и државната обвинителка, да ги заштитат.
Сега во Грција никој не може да каже „не знаев“, особено оние 536.910 избирачи кои во 2014 година го дадоа својот глас на Златна зора (Европски избори, 9,93 отсто). Неонацистите се криминални, сега тоа го потврди и судот. Истовремено тие се главни носители на јавниот антисемитизам, па најновиот вандализам на еврејските гробишта може да се смета за „искажување солидарност“ со нивните симпатизери.
За жал, неонацистите имаат повеќе од доволно потенцијални поддржувачи. Најновото истражување покажува дека 21 процент од испитаниците сметаат дека „умерена“ Златна зора би била корисна за Грција. Таа бројка е уште пострашна затоа што се појави веднаш по осудата на неонацистичката партија.
Денешните жртви
Претседателот на еврејската заедница во Солун (некогаш една од најголемите во Европа, наречена „втор Ерусалим“, од која 95 проценти беа убиени во концентрационите логори) и Централниот совет на еврејските заедници во Грција, Давид Салтиел е сигурен дека осудувањето на раководството на Златна зора нема да ја намали антисемитската идеологија. Антисемитизмот постоел тука дури и пред основањето на Златна зора и ќе остане тука, вели Салтиел, но го смирува фактот дека антисемитизмот во Грција не е насилен, т.е. дека немало човечки жртви како во другите земји.
Неодамна се појавија вести дека неколку еврејски гробишта и еден споменик биле сквернавени во Грција. Дали има проблем со десен екстремизам и антисемитизам во таа членка на Европската унија? Милитантен во Грција во 21. век е друг десничарски екстремизам. Денес, жртви се мигрантите, хомосексуалците, антифашистите. Златна зора со години подбуцнуваше против мигрантите, добивајќи аплаузи од „загрижените“ граѓани, а честопати и „разбирање“ од бројни медиуми и државното, обвинителство кое и во Грција е слепо на десното око . Многу политичари на владејачката конзервативна партија Нова демократија (НД) направија кариера од пароли против бегалците, додека антисемитските пароли во моментов не се прифатливи во општеството.
Фашисти од соседството
Освен тоа во Атина започна уште едно важно судење, во врска со убиството на Зак Костопулос. Тој ЛГБТ-активист беше претепан до смрт среде бел ден во центарот на Атина пред две години.
Обвинети се еден златар, еден управител и четворица полицајци - а нивниот адвокат е дури и пратеник на владејачката партија НД, Атанасиос Плеврис, син на теоретичар на националсоцијализмот во Грција. Во 2018 година, полицијата пријави „смртоносно саморанување на еден разбојник“, а повеќето медиуми се приклучија, сè додека не се појавија видеа на случајна минувачка и го разоткрија убиството.
Од судскиот процес против неонацистите до судењето против фашистите од соседството, грчкото судство мора да ја брани честа на правната држава.