1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинација во Грција: Меѓу поттик и поткуп

7 јули 2021

Со цел да се спаси туристичката сезона, грчката влада ќе им исплаќа премија од 150 евра на луѓето под 26 години кои биле вакцинирани. Но, не сите засегнати сметаат дека е добро.

Griechenland Corona-Pandemie | Bar auf Kreta
Фотографија: Louisa Gouliamaki/Getty Images/AFP

Улицата пред „Челси“ е преполна со луѓе. Теоретски, не смее да се стои пред пабот откако има корона, туку мора да се седи на столчиња кои не треба да бидат премногу блиску едни до други. Но, гостите на „Челси“, повеќето млади пoмеѓу 20 и 30 години, се чини дека заборавија на пандемијата на Ковид-19 .

Лето е, жешко е, време е за забава. И стравот од вирусот стивна - како и волјата за вакцинирање. Наместо над 100.000 вакцинации на ден, ритамот на вакцинација во Грција падна на 85.000. Затоа владата во Атина сега се обидува да ги анимира граѓаните да вакцинираат, меѓу другото и со пари.

Од 15 јули, сите вакцинирани лица на возраст под 26 години ќе добијат 150 евра. Премијата треба да се исплати дигитално по првата доза на вакцинација и може да се искористи за билети за брод, воз и авион, сместување за одмор или за карти за концерти и музеи. Премиерот Кирјакос Мицотакис свечено зборуваше за „Пропусница за слобода“ од која може да профитираат околу 940.000 помлади граѓани.

„Мислам дека идејата е одлична. Така, можам да минам еден викенд на остров", вели 20-годишната Маријалена, која го пие пивото во „Челси“ и сè уште не е вакцинирана. По обраќањето на премиерот  Мицотакис, таа го закажала првиот термин за вакцинација.

Фотографија: Giorgos Kontarinis/ANE Edition/imago images

„Безобразие“

На двојката која стои близу Маријалена воопшто не ѝ се допаѓа нејзината изјава: „Тоа е безобразно. Ние веќе се вакциниравме затоа што сметаме дека е исправно. Не ни треба награда", вели 24-годишниот Костас, кој возел 140 километри од Атина до крајбрежниот град Нафплион за да се вакцинира. Неговатат девојка Крисанти додава дека луѓето кои одбиваат да се вакцинираат нема да се предомислат ниту за пари.

Повеќе:

-Грците „навалија“ на вакцинација

-Грција ја отвори границата, за деца до 5 години не е потребен ПЦР тест

-Грција се подготвува за пречек на туристите

За Нена, која работи во соседниот бар „Рамон“, 150-те евра се „чист поткуп“. 25-годишната девојка е навистина лута: „Владата треба да ги вложи парите во повеќе автобуси за да не мора да возиме стиснати како говеда и притоа да се заразуваме“. Нена мора двапати да менува автобус на патот до работното место, и автобусите се речиси секогаш полни и патниците често не носат маска - или ја носат неправилно.

За добро туристичко лето не се доволни само песок и море

02:01

This browser does not support the video element.

Недостаток на подготвеност за вакцинирање

Нена е лута и на постарите сограѓани кои не вакцинираат: „Ние  цела година внимававме за да ги заштитиме нашите баби и дедовци и родители - и сега кога постои заштита, многу од нив не се вакцинират“, објаснува таа. Всушност, од граѓаните на Грција на возраст од 50 до 60 години, само 62 проценти биле вакцинирани до почетокот на овој месец, и покрај тоа што имаат можност да закажат термин повеќе од два месеца.

Вкупно, скоро четири милиони грчки граѓани беа целосно вакцинирани до 5 јули, нешто повеќе од една третина од населението. Тоа е далеку под очекувањата пред почетокот на вакцинацијата: Првично, владата сакаше да вакцинира најмалку 50 проценти пред да се отворањето на туристичката сезона во средината на мај. Но, најнапред немаше доволни вакцини, а сега недостасува подготвеност за вакцинирање.

Други предности за вакцинираните

Покрај паричниот подарок за младите, владата најави и предности за другите целосно вакцинирани лица - и дополнителни ограничувања за оние кои не се вакцинирани. Од 15 јули, гастрономите самите ќе смеат да одлучат дали ќе пуштаат само вакцинирани лица во нивните кафулиња, барови или ресторани и ќе можат да ги наполнат до 85 проценти од капацитетот - или ќе понудат „мешани простории“ со 50 проценти од капацитетот.

Ќе има две опции, објави надлежното министерство на крајот на јуни: меѓу трговски и угостителски објекти, во кои се пуштани само целосно вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19, и мешани простории што исто така можат да ги посетуваат невакцинирани лица. Сопствениците самите одлучуваат за која опција ќе се определат.

Фотографија: Angelos Tzortzinis/dpa/picture alliance

Лина Хариту, газдарица на барот „Рамон“, веќе донесе одлука: „Се откажувам од првата опција. Нема да проверувам дали моите гости биле вакцинирани или - уште полошо! - дали нивните потврди за вакцинација се вистински“, објаснува таа за ДВ. 40-годишната жена веќе долго време е вакцинирана и се обидува да ги убеди и сите свои вработени да се вакцинираат. Но, таа смета дека најавените мерки на владата не се соодветни.

„Не ни е треба уште повеќе дискриминација“, вели Лина. „И колку што знам, во Грција нема задолжителна вакцинација“. Пред три недели, министерот за економија Адонис Јоргијадис изјави дека работниците кои одбиваат да бидат вакцинирани може да добијат отказ. Оваа изјава беше веднаш демантирана од владиниот портпарол. Но, дискусијата за задолжителна вакцинација и натаму ќе се вжештува, дури и ако не е опфатена со грчкиот устав.

Сонот за добро туристичко лето

На спортските стадиони, кои повторно се отворени за публика од 1 јули, ќе можат да влезат само целосно вакцинираните лица. Тоа прв го најави сопственикот на фудбалскиот клуб Олимпијакос Вангелис Маринакис за стадионот во Пиреја - и дури потоа владата го најави истото за стадионите низ целата земја.

Од 15 јули, неимунизираните лица мораат да покажат негативен тест на коронавирусот за влез во затворени простории - т.е. клубови, дискотеки, концертни сали, и.т.н., но и за киносалите и театрите на отворено во кои се собираат многу луѓе.

Одмор со забрана за излегување од хотел

02:11

This browser does not support the video element.

Од 5 јули и неимунизираните патници во бродовите мора да покажат негативен брз тест, кој мора да го направи лекар. Едноставниот, и честопати несигурен, личен тест веќе не е доволен. Тоа има смисла ако се сака навремено да се запре ширењето на Делта-варијантата на коронавирусот на грчките острови. Но, барем досега, контроли на траектите нема.

Очекувањата од ова лето се големи: најмалку 50 проценти од приходите од 2019, супер туристичката година, која донесе приходи од 18 милијарди евра без крстарења. Но, туристите од Англија сè уште не доаѓаат, Германците дури сега, а Русите многу колебливо. Една од причините: Вакцинираните имаат речиси целосна слобода во Грција, но руската вакцина Спутник V не е призната. Сонот за добро туристичко лето може да остане сон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми