1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контрола на протокот на капиталот во Грција

Зоран Јордановски / дпа/афп/ртр28 јуни 2015

Грчката влада нареди банките во наредните денови да останат затворени. Обама и Меркел разговарале за грчката криза. Утре средба на Меркел со раководствата на парламентарните партии.

Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Грција воведува контрола врз протокот на капиталот, грчките банки од утре ќе останат затворени, соопшти премиерот Алексис Ципрас по вечерната седница на владата во Атина. Тој истовремено ги повика граѓаните да го зачуваат мирот и нагласи дека штедните влогови, платите и пензиите на граѓаните се „гарантирани“. Ципрас рече дека повторно побарал продолжување на програмата за помош за неколку денови.

Претходно имаше кризна средба на советот за стабилизација, со учество на министерот за финансии Јанис Варуфакис и на шефот на грчката Централна банка.

Во Атина беше најавено и дека утре нема да работи ни атинската берза. Грчките медиуми јавуваат дека банките повторно ќе бидат отворени дури на 6. јули, еден ден по референдумот на кој Грците треба да се изјаснат дали ги прифаќаат условите од помошта понудена од доверителите. Еврогрупата, како што е познато, не го прифати грчкото барање за продолжување за неколку денови на програмата за помош, која истекува на 30. јуни.

Од најголемата грчка рафинерија соопштија дека таа работи нормално и нема да има пробеми во снабдувањето со бензин и други горива.

Европската централна банка денеска ги замрзна таканаречените ЕЛА-кредити за Грција на нивото од 90 милијарди евра.

Американскиот претседател Барак Обама и германскиот канцелар Ангела Меркел, според наводи од САД, телефонски разговарале за развојот на настаните околу Грција. Обајцата биле согласни дека е важно да бидат преземени напори кои би воделе кон тоа, Грција да се врати кон реформи и стопански пораст во рамките на еврозоната.

Ангела Меркел за утре рано попладне свика средба со раководствата на сите партии кои се застапени во Бундестагот. Таа ќе ги извести претседателите на партиите и шефовите на нивните парламентарни фракции за актуелниот развој на настаните. За утре попладне се најавени и вонредни средби на парламентарните фракции на ЦДУ/ЦСУ, СПД и на Зелените.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми