Грција со повеќе војска на границата кон Турција
6 февруари 2020Танасис Камиларис е рибар и добро ја познава делтата на реката Марица. Реката која ги дели Турција и Грција на тоа место се влева во северниот дел на Егејското море. Делтата на граничната река е од големо значење за флората и за фауната, со површина од 200 квадратни километри. Мрежата на канали, притоки и на лагуни многу тешко се контролира. Министерството за внатрешни работи затоа се потпира на помошта од локалните рибари, кои војската ги опреми како „квази“ национални гардисти и тие ја презедоа функцијата на гранична стража. Но, за Танасис Камиларис и неговите колеги ситуацијата полека станува опасна.
Напади од Турција?
Секогаш од почеток доаѓа до конфликти помеѓу турските граничари и грчките рибари. „Притоа нѐ загрозуваат и на грчка државна територија“, објаснува Камиларис. „Бев на реката и сакав да фрлам мрежи. Од другата страна дојдоа четворица турски војници. Веднаш го вперија оружјето кон мене и ми рекоа - 'Ова е Турција'. А бев сигурно одалечен 100 метри од границата.“
Еден друг рибар го уапсија и му го запленија бродот, вели колегата Василис Вицас. „За Турците тоа е бизнис. За да ве пуштат морате да платите 5.000 евра. Во спротивно ќе седите 6 месеци во затвор. Еден наш колега мораше да плати дополнителни 4.000 евра за адвокат, за да може на суд во Турција да се избори за својот брод.“ За ваквите инциденти никој не зборува, па ни медиумите.
„Ние сме очи на војската“
Рибарите се чувствуваат оставени на цедило. „Да нѐ нема тука, сѐ одамна би било турско“, смета Василис Вицас. Само кога грчката полиција и војска заедно патролираат овие луѓе имаат мир од турските војници. Но, тоа не е доволно, додава Танасис Камиларис. „Ние рибарите сме очи на војската и на полицијата. На сите начини настојуваме овој дел од реката да остане грчки.“
Рибарите од Марица се надеваат дека ќе им помогне Атина. Владата на премиерот Кирјакос Мицотакис во јули победи на предвремените избори, меѓу останатото и пради ветувањето дека ќе ги зголеми мерките за безбедност во земјата. Дел од тој план е ограничување на бројот на бегалци на границата меѓу Грција и Турција.
Со заеднички патроли на полицијата и на војската, владата од декември се обидува да ја затвори грчко-турската граница за да го спречи бројот на бегалци кој веќе со месеци се зголемува. На Марица би требало да стигнат и дополнителни 400 граничари. Премиерот Мицотакис тврди дека воените мерки се воведени поради бегалците. Но, тие доаѓаат од 1990 година и според изјавите на рибарите во последните години нивниот број на делтата на Марица опаѓа.
Ледено доба меѓу Атина и Анкара
Зголеменото присуство на границата доаѓа во време на многу лоши односи меѓу Анкара и Атина. Спорот околу гасот пред кипарскиот брег и турската акција во Либија дополнително ја влошуваат ситуацијата. На турско-грчката граница има сѐ повеќе инциденти. Повеќепати дневно турското воено возухопловство продира на грчка територија. Вечерта кога беше обидот за државен удар осум офицери од Турција побегнаа во Грција и таму побараа азил. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од грчката влада побара да ги екстрадира осумте припадници на воените сили. Врховниот суд во Атина тоа го одби, со оглед дека, како што оцени, во Турција не може да им се гарантира праведно судење.
Во февруари 2018 година ситуацијата дополнително се заостри, кога двајца грчки војници, за време на патролирањето, ги уапсија турски војници затоа што на едно место кое не било означено, неколку метри преминале на турска територија. Над 5 месеци тие поминаа во турски затвор поради сомнеж за шпионажа. За тоа време турската влада многу јасно даде на знаење дека е подготвена да ги врати војниците во замена за турските офицери, дезертери.
Многу луѓе, во меѓувреме, стравуваат од ескалација на конфликтот со Турција. Според Сотирис Сербос, професор по меѓународна политика на универзитетот во Тракија, тоа пред сè зависи од турскиот претседател Ердоган. „Ако Анкара види корист во ескалацијата на конфликтот, тогаш таа ќе го ескалира. Самодовербата на Ердоган се зајакна по воената интервенција на Турција во Сирија“. Турскиот претседател ќе игра на својата геополитичка карта сè додека трансатлантската политика не постигне консензус. Но, Европа мора да сфати едно нешто: „Постојат многу проблеми и поделби во Турција, но национализмот и војската ја обединуваат земјата“.
Сербос смета дека тензиите помеѓу Анкара и Атина се последица на неединствената европска политика: „Ни треба Европа која размислува геополитички, а Турција треба да биде вклучена како партнер. Мора да се најдат решенија што ќе бидат од полза за обете страни. Притоа, Грција може да преземе клучна улога и да отвори ново поглавје во односите Турција - ЕУ “.
Сепак, внатрешните европски конфликти, во кои индивидуалните национални интереси се во преден план, оневозможуваат заедничка стратегија за односите со Турција. „Ердоган претпочита билатерален компромис. Притоа, Европа би требало да ја постави агендата, а не Турција “.