1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција го чека исходот во Македонија

28 септември 2018

Во пресрет на референдумот, грчката опозиција критикува дека владата во Атина на ПЈРМ ѝ подарила македонски јазик, идентитет и култура, и дека тие ќе направат сѐ за да се спречи Договорот од Преспа.

Griechenland Parlament in Athen
Фотографија: picture-alliance/robertharding/F. Fell

Повикот за бојкот на референдумот искажан од претседателот Ѓорге Иванов на Генералното собрание на ОН, последните анкети и политичките пораки пред молкот, го окупираат вниманието на грчките медиуми пред плебисцитарното изјаснување на македонските граѓани во недела. Воздржано и без коментари, грчките медиуми ја објавуваат веста од Њујорк: „Претседателот Иванов ги повика граѓаните да го бојкотираат референдумот“, „Иванов: Од Република Македонија се бара да изврши правно и историско самоубиство“ и слични наслови во кои пренесуваат цитати од неговото обраќање во ОН. 

Внимание е посветено и на изјавата на заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој ја напушти салата на ОН за време на говорот на Иванов, со став дека „отворениот повик за бојкот на референдумот и грубата злоупотреба на говорницата, е всушност апел за самоизолација, но и крајна неодговорност кон сегашните и идни генерации“ и дека „Македонија нема повеќе време за губење“.

Еластичен распоред за ратификација

Предреферендумските сигнали и пораки во Македонија, грчките медиуми ги анализираат во пакет со пораките од грчките политичари. Доминантно внимание му е дадено на интервјуто на грчкиот премиер Алексис Ципрас за  „Wall street journal“  во кое изјавува дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во Грција откако соседната земја ќе ги комплетира договорените процедури.

Грчкиот премиер Ципрас ќе чека со ратификацијата во Грција, додека не завршат процедурите во МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

„Јас нема да играм игри. Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент по завршувањето на процесот во БЈРМ“, изјавил Ципрас. Со тоа, според весникот, „се елиминираат сценарија за одложување на гласањето за Договорот по следните парламентарни избори во Грција“. Со оглед дека во Македонија треба да следува и период на уставни измени, во текстот се вели дека ратификацијата во Грција би можела да биде во март.

Повеќе: 

„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

Паднаа маските: ВМРО-ДПМНЕ отворено повика на бојкот!

Под наслов „Еластичен временски распоред за ратификација на Договорот од Преспа“, весникот „Катимерини“, врз основа на динамиката предвидена во Договорот, пишува дека тој  може да се најде во грчкиот парламент во јануари. Притоа нотира дека Заев по референдумот ќе побара поддршка за уставни измени, но ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на негативен став, тогаш Заев ќе биде принуден на избори за го прошири парламентарното мнозинство кои треба да ги усвои уставните измени.

„Во случај на избори, веројатно е дека Договорот од Преспа ќе стигне до Атина во февруари или почетокот на март. Во спротивно, овој датум може да биде дури два месеци порано, веднаш по Божикните празници“, анализира „Катимерини“.

Имајќи ги предвид бројките од анкетите во Македонија, весникот смета дека „проценка на ефектот од гласањето ќе има ако точно се процени стапката на апстиненција и гласовите „против“.

„Само на овој начин ќе знаеме што навистина сакаат граѓаните на нашата соседна земја“, пишува „Катимерини“, додавајќи дека проблем е што избирачките списоци не се ажурирани и вклучуваат многу повеќе имиња на гласачи, што ја отежнува реалната слика.

Фотографија: Colourbox

Цивилен циклон“ 

Весникот „То вима“ коментира дека „цивилен циклон се очекува да ги погоди двете земји во наредните три дена“, алудирајќи на очекуваните промени по референдумот и начинот на кој тие ќе се одразат во Атина и Скопје. 
„Сигурно е дека ништо нема да биде исто за секоја земја од недела наваму. Заев и Ципрас потпишаа Договор кој може да има различни резултати за двајцата. Ако Заев е поразен, тогаш очигледно ќе оди на избори. Но Ципрас нема да треба да оди на рани анкети. Ако победи Заев во недела, ќе биде апсолутен господар во својата земја, но ќе започнат политички случувања во Грција со можен политички крај за неговиот пријател Алексис Ципрас (...) Се чини дека е во право 'Ханделсблат' во статијата под наслов 'Референдумот ќе ја одреди иднината на Ципрас': 'Западот се надева дека до крајот на спорот за името меѓу Атина и Скопје ќе се стабилизира регионот. Сепак, за еден од играчите, референдумот може да биде фатален: за грчкиот премиер Ципрас'“, пишува „То вима“, повикувајќи се на коментар на германскиот весник.

повеќе: Зоран Заев: оптимистот на Балканот

Но, спротивно од ова, во голем дел колумни на грчки аналитичари се проценува дека Договорот ќе успее во двете земји, бидејќи „Заев и Ципрас трасираат нова историја на искрена соработка и пријателство, како пример за регионот и Европа, што повеќе од сигурност ќе ги зајакне нивните позиции“.
Грчките медиуми се осврнуваат и на жестоките изјави на пратеници од опозициската „Нова Демократија“, кои остануваат на позицијата дека „Договорот со Македонија е многу штетен за грчките национални интереси, интензивира иредентизам и остава отворени прашања за иднината на Балканот“.

Од опозициската партија ја критикуваат грчката влада дека „на ПЈРМ ѝ подарила 'македонски' јазик, 'македонски' идентитет 'македонска' култура, и дека НД ќе направи се што може во парламентот за да се спречи Договорот од Преспа“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми