Грчката полиција сопрела околу 200 мигранти и баратели на азил кои тргнаа од Солун кон границата со Македонија со надеж дека оттаму можат да го продолжат патот кон другите европски земји.
Реклама
Десетици грчки полицајци во опрема за демонстрации со штитови во текот на вчерашниот ден ги истуркале мигрантите во близината на центарот на Солун и им го блокираа патот со полициски автобуси. Мигрантите, меѓу кои имало и семејства со мали деца, одбиле да се разотидат и седнале на улица. Никој не е повреден во кусото соочување од двете страни, по кој мигрантите беа спречени да се упатат кон границата со Македонија, за оттаму да го продолжат патот кон централна Европа.
Луѓето на Балканската рута
Стотици илјади луѓе пред една година патуваа кон север преку Балканската рута. Подоцна бројот на бегалците значително се намали, но сѐ уште преку Балканот минуваат илјадници луѓе. Марија Илчева сретна дел од нив.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Родено во бегство
„Во Грција сме од пред шест месеци. Нашето бебе е родено во Турција“, раскажуваат Ахмад и Винус. Тие доаѓаат од село во близина на Латакиа. Во руските бомбашки напади загубиле сѐ.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Десет години бегалец
Абдуламир има 49 години. Последните 10 години овој Ирачанец живее во бегство. Во февруари 2016 дошол во Грција. „Непосредно пред грчкиот брег се појави брод на турската крајбрежна стража. Тој предизвика големи бранови. Смртно се преплашивме.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Кон Германија, „како и останатите“
„Во Бугарија стигнав вчера - преку Турција. Одам за Германија, како и останатите“, вели со широка насмевка 18-годишниот Фарман од Пакистан. „Германија е многу убава. Таму сакам да работам како готвач. Можам многу добро да готвам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Кон Германија - по секоја цена“
„Србите по трет пат ме вратија назад во Бугарија. Но, ќе се обидам повторно. Одам за Германија, по секоја цена“, вели 28-годишниот Пакистанец Васим (со бела маичка). „Многу други успеаја, ќе успеам и јас.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Две семејства од Кина
Во бугарскиот бегалски камп Пастрогор доминираат млади луѓе од Авганистан и Пакистан. Таму живеат само две семејства. Тие се Монголци од Кина. И тие сакаат во Германија. Доаѓаат од Шилин Гол во автономната територија Внатрешна Монголија во НР Кина. „Постојано сме изложени на репресии поради тоа што сме Монголци.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Во Германија за да биде таксист
Патот од Пакистан до Германија го чини 6 илјади американски долари. Али (лево) е две недели во бугарскиот камп Пастрогор. Сега чека повик од шверцерот. „Морам да заминам за Германија. Мора да ја поддржувам финансиски мојата фамилија во Пакистан. Можам да возам такси.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Христијанин меѓу муслимани
„Јас сум христијанин и постојано сум навредуван од муслиманите во овој бегалски камп“, вели 22-годишниот анестезиолог од Иран. „Можам да си претставам да живеам во Бугарија. Само морам задолжително да се тргнам од луѓето со поинаква вера. Тие ми додеваат.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Вратете ме назад“
„Please, Mister, please, deport. Pakistan“, го моли овој човек (десно) раководителот на сместувалиштето за бегалци во Пастрогор. Неговото дете тешко се разболело и тој бара да го вратат кај него. „Патувањето за Европа беше грешка“, вели тој. Не е единствениот што мисли така. Назад сакаат и некои бегалци од Авганистан.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Тепан од полицајци
Хорам од Пакистан неколку дена е во бегалскиот камп во српскиот град Суботица. Тој веќе се обидел да ја мине границата со Унгарија. „Таму бев брутално истепан од унгарски полицајци. Зошто? Не разбирам.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Посредно преку Италија
Омар Хидад е во бегство 11 месеци. 23-годишниот Пакистанец во меѓувреме е во Србија. Од Суботица сака да продолжи за Италија. „Таму добиваме азил многу бргу. Потоа ќе можеме да патуваме каде што сакаме“, се надева Хидад.
Фотографија: DW/M. Ilcheva
Надеж за враќање
„Две недели сум во Келебија и се надевам дека наскоро ќе смеам да поднесам барање за азил во Унгарија“, вели ова момче од Сирија на српско-унгарската граница. „Кога војната во Сирија ќе заврши, ќе се вратам назад. Сирија е моја татковина. Моето срце ѝ припаѓа нејзе.“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
„Меркел нѐ покани“
„Што направи госпоѓа Меркел?“, прашува ова момче од Авганистан. Тој една недела е во транзитната зона на српско-унгарската граница. „Таа нѐ покани и сега? Сега ги затвори границите. Зошто?“
Фотографија: DW/M. Ilcheva
12 фотографии1 | 12
Над 60.000 мигранти и бегалци кои прво стигнаа во Грција останаа блокирани во земјата. Некои земји ги засилија своите гранични премини да ги спречат илегалните мигранти, додека други одбија да ги примат според планот на ЕУ за нивно распределување во земјите од Унијата.
Грчките официјални претставници признаваат дека договорот меѓу ЕУ и Турција да се спречи обидот бегалците и мигрантите да стигнат до Европа го намали бројот на луѓе кои се обидуваат да тргнат на тој пат, но оти многу доцни спроведувањето на дел од договорот за враќање на оние кои веќе стигнале во Грција.