1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Помеѓу православието и советската носталгија

30 април 2022

Владата во Атина го осуди нападот на Путин на Украина, но грчкото население е со поделени ставови во однос на Москва. Левичарите се мотивирани од советската носталгија, конзервативците - од заедничката вера.

Griechenland | Besuch Wladimir Putin Berg Athos
Рускиот претседател Владимир Путин со монаси на Атос, мај 2016 годинаФотографија: AFP/Getty Images

Марија сè уште не може да поверува дека рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина. 29-годишната девојка од Москва, која сака да остане анонимна, па името во текстов ѝ е променето, веќе три години живее во Солун. Студентката по право е омажена за Грк и има официјален престој во Грција, исто како околу 15.000 Руси. Двете мнозинско христијанско – православни земји се традиционално тесно поврзани. Марија научила грчки уште на универзитетот во Русија, без конкретни планови да емигрира во Грција. Всушност таа не е особено религиозна, но сепак, како православна христијанка, во Грција се чувствува помалку туѓо отколку во други делови на Европа.

„Религијата нѐ поврзува, поврзани сме и културолошки“, вели Марија за ДВ. „Патував многу, па знам дека ако сакаш да живееш во странство, мора да се адаптираш. Но, овде речиси и да не требаше да се менувам“, вели таа.

Од почетокот на војната во Украина на 24 февруари 2022-ра, економската ситуација во Русија е многу влошена, вели Марија. „Во Москва се затвораат продавници. Нема доволно лекови, а во меѓувреме се чувствува недостиг на разни нивоа.“  Ова е сосема нормална ситуација во останатиот дел од земјата, па „веројатно таму многумина сега се радуваат дека снабдувањето е проблематично и во големите градов.“ Многу нејзини роднини и пријатели ја напуштиле земјата – татко ѝ преку финската граница, а мајка ѝ преку Белорусија заминале во Литванија.

За Марија е јасно – кога станува збор за останување на власт, за Путин не постојат граници. Поради тоа, таа не гледа веќе никаква перспектива за себе во татковината. Пропагандистичката медиумска машинерија и сѐ поострите владини мерки против неистомислениците ѝ ја уништиле и последната надеж, вели таа. Марија не може да го разбере тоа што многу Грци имаат проблем да ја осудат војната против Украина. „Неодамна еден Грк ми рече дека сè е во ред со Русија. Му се спротивставив и му објаснив каква е ситуацијата навистина, но не сакаше да ми верува.“

Православна црква во СолунФотографија: Florian Schmitz/DW

Грците против Атина

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го следи курсот на ЕУ и ја поддржува борбата на Киев против Москва. Грција веќе ѝ испорача оружје на Украина. Но, последните анкети покажуваат дека над половина од Грците не ја подржуваат оваа политика на владата. Додека грчката влада со широко отворени раце ги прифаќа бегалците од Украина, голем број Грци ги отфрлаат ЕУ-мерките против Русија. Според една анкета, над 60% експлицитно се  изјасниле против испраќање оружје и сметаат дека одговорноста за војната е и во Москва и во Киев.

Една од причините за овој амбивалентен став е тоа што грчките конзервативци се традиционални сојузници со Русија. Во 2019 година, по анексијата на Крим, тогашниот опозициски лидер Мицотакис отпатува во Москва. Таму зборуваше за „однос на заемна доверба помеѓу неговата партија Неа Демократија и партијата на Путин, Единствена Русија и увери дека Русија секогаш ќе има „доверлив партнер за дијалог“ во Грција.

Мицотакис и Путин во Атина, мај 2016 годинаФотографија: picture-alliance/Russian Look

Браќа по вера?

Според политикологот Атанасиос Граменос, симпатиите кон Русија кај многу Грци се поради заедничката православна вера. „Русија со векови се претставуваше како заштитничка на православните христијани во Османлиското царство“, вели тој. Додуша Москва никогаш не помогнала конкретно, но митот за големиот спасител од истокот е длабоко вкоренет во грчката култура. „Многу десничари, меѓу кои и членови на актуелната владејачка партија, сѐ уште веруваат дека Русија некогаш повторно ќе го ослободи Константинопол и ќе ѝ го врати на Грција, со што ќе се исполни еден сон на Византиското царство“, вели политикологот.

- повеќеКусата рака на Кремљ

И во останатите балкански земји може да се забележи дека Русија се обидува да изврши влијание преку православието. Ова е особено видливо во Северна Македонија или Србија, каде ставовите на населението се поделени во однос на Европската Унија. „Таму Русија ја шири идејата за православен сојуз на држави“, смета тој. Тоа во Грција е потешко. Грчката православна црква ја призна автокефалноста на Украинската црква во 2019-тата и на тој начин јасно дејствуваше против волјата на Руската православна црква. Но, она што се проповеда на неделните богослужби во земјата е сосема друга работа. „Црквата во Грција е одраз на општеството. Има многу свештеници кои потпаднаа под влијание на теориите на заговор. А тие, пак, имаат влијание на многу верници“, вели Граменос.

Граменос: Симпатиите кон Русија кај многу Грци се поради заедничката православна вераФотографија: Privat

Се намалува довербата во Русија

Ставрос Цимас точно знае какви се симпатиите на неговите сонародници. Во Грција овој новинар важи за експерт за Балканот, Русија и православната црква. Кога станува збор за Москва, грчката Левица и натаму „флертува” со советска носталгија, додека пак Конзервативците со православната вера, подвлекува тој. Но, таквите „романтичарски” чувства, според него, само делумно објаснуваат зошто грчкото население е толку воздржано во осудата на воената агресија во Украина, или пак воопшто не ја осудува војната.

„Имам впечаток дека поддршка на санкциите против Русија ќе ѝ наштети на нашата земја", вели Цимас за ДВ. Во Грција цената на одредени производи, како гасот и нафтата, многу се зголемени. „Луѓето се плашат дека мерките против Москва ќе ги почувствуваат по сопствениот џеб.“

Цимас: Грчката Левица и натаму „флертува” со советска носталгија, додека пак Конзервативците со православната вераФотографија: Florian Schmitz/DW

Политички гледано, релациите на Грција со Русија подолго време се во надолен тренд. Но, притоа главна улога играле политички несогласувања како во однос на анексијата на Крим во 2014-тата, или Преспанскиот договор, со кој Грција и Северна Македонија во 2018 го решија долгогодишниот спор околу името. Тогаш се случи скандал откако Атина протера руски агенти кои се обидувале да лобираат против договорот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми