1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Грција и С. Македонија–одмор меѓу национализам и секојдневие

23 август 2019

Грчкиот регион Халкидики е рај за одмор и омилена дестинација на граѓаните на Северна Македонија. Но расположението по спорот за името е матно. Луѓето ја избегнуваат оваа тема.

Strand in Rhodos-Stadt
Фотографија: picture alliance/Friedel Gierth

Во малото место Неа Мармара во северниот грчки туристички регион Халкидики сезоната е во полн ек. Широката песочна плажа е полна. Во вечерните часови сопствениците на ресторани и барови се задоволни од полните маси. Трите полуострови на северот на Грција се речиси на чекор од границата со соседните земји на Балканот. Затоа тука покрај Германците, Англичаните и Французите, пред се главни туристи се Бугарите, Србите, Албанците и Македонците. Додуша спорот за името меѓу Грција и сегашна Северна Македонија е решен, но Преспанскиот договор не успеа да ги намали културолошките тензии меѓу луѓето. Токму овде, во северниот грчки регион Македонија, фактот што грчката влада ѝ дозволи на соседната земја да го користи името предизвикува гнев и неразбирање кај многумина.

Преголем јаз

„Не сакам да се претставам. Немам ништо добро да кажам", вели сопственик на еден ресторан. „Ја гледаш ли оваа слика?", прашува тој и покажува на една стара фотографија на која има човек во македонска носија. „Јас си ја знам историјата и тоа поткрепена со факти", објаснува газдата. За него е навреда тоа што луѓето од соседната земја кои доаѓаат во ресторанот се претставуваат како Македонци.

Вели дека генерално нема ништо против луѓето од Балканот. Особено добри односи има со Србите кои често летуваат во Неа Мармара. Но ова е одраз и на историските врски меѓу двете земји. За разлика од Скопје, Атина и Белград имаат пријателски сојуз, Грција ја нема признаено независноста на Косово, а за време на југословенските војни јасно се стави на страната на Србија. Документи и фотографии докажуваат дека Грци дури учествувале и во масакрот во Сребреница. Грчките медиуми опширно пишуваа за тоа. 

Регионот има тешка историја. Но спорот за името со Северна Македонија е болна точка. „Имам работници од Бугарија и Албанија. Но, мајката на еден мој вработен е од Скопје," се правда сопственикот на ресторанот. Скопје – така во Грција ја ословуваат Северна Македонија што е еден вид отпор на грчкото население и носи јасна порака: ние сме Македонија. Преспанскиот договор требаше да ги смири тензиите меѓу двете земји. Се чини тоа успеа на политички план. Дури и новоизбраниот премиер Киријакос Мицотакис и покрај заканувачките пораки во време на предизборната кампања се држи до договорот.

Спроведување на Преспанскиот договор

Во меѓувреме Северна Македонија треба да имплементира низа компликувани процедури за да ги исполни условите од договорот за спорот за името. Веќе неколку недели земјата не смее официјално да го користи сонцето од Вергина – жолто сонце со повеќе краци кое на сина позадина често може да се види како знаме кое виси и во Северна Грција, и тоа не само на балконите на националистите. Грција будно го следи напредокот. Многу луѓе се чувствуваат навредени кога ќе видат дека на автомобили кратенката за земјата МК не е заменета со НМК.

Дури и на туристите од Северна Македонија кои со години летуваат на Халкидики многу од овие промени не им паѓаат лесно. Нови пасоши, возачки дозволи, нови таблици. Една македонска новинарка која е на летување во Неа Мармара, вели дека премиерот Зоран Заев ги коригира колегите кога го употребуваат старото име. Се чини Македонија сериозно го сфаќа договорот. И кога Македонците се враќаат накај дома од одмор на грчките автопатишта сѐ уште стојат старите табли кои ве водат кон „Скопје“, а не кон Северна Македонија.

Прагматизам и тивок гнев

Во Неа Мармара генерално си се тргаат од патот. „Не сме дискриминирани, но во суштина и немаме контакти со Грците", вели една жена која со години доаѓа на одмор на Халкидики. Таа ги обожува плажите и била на повеќе различни места во регионот. Овде доаѓа да се одмори, а не да се замара со политика.

Се чини по овој пат одат и поголемиот број сопственици на ресторани и хотели. „Со голем број гости не зборувам за политика", вели сопственикот на еден бар на плажа. И тој не сака да се претстави со име. „Си имам свој став за нештата, но не сакам со никого да се задевам," вели тој. Тој не сака да ги одврати своите клиенти од Северна Македонија. Во исто време стравува од проблеми со другите ресторани, доколку заземе позиција во однос на нив.

Ситуацијата е тензична. Страв и гнев надвиснуваат над Неа Мармара кога се зборува за туристите од соседната змеја. И не се сите воздржани. Многу Македонци пишуваат за судири, дури и со туристи од Грција. Во еден бич-бар на Халкидики пасвордот за вифи гласи: „Македонија е Грчка“. Сосем свесна провокација.

Македонците трошат пари

„Ваквите инциденти не го отсликуваат мнозинскиот став на претприемачите на Халкидики, бидејќи гостите од Северна Македонија се дочекани професионално и со почит, исто како и сите други," вели Григориј Тасиу од локалниот туристички сојуз во интервју за Дојче Веле. Во летните месеци од јуни до септември на Халкикиди доаѓаат околу 150.000 туристи од Северна Македонија. „Тоа значи дека тие се важен пазар за нас."

Световите на двата народа не се преклопуваат само во туризмот. Многу Македонци студираат во Грција. Цвета и трговската размена меѓу двете земји. Уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор големи грчки компании отворија свои седишта во Северна Македонија и добро заработуваат. Во Грција речиси никој не зборува за тоа, или нерадо го прави тоа. Свеста дека двете страни профитираат од меѓусебната соработка може да му даде сосем нов правец на уште присутниот спор за името.


 

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми