Напад со боја врз амбасадата на САД - причина и Македонија
СН/ агенции
7 јануари 2019
Грчката полиција уапсила осум лица откако со боја била вандалзирана американската амбасада во Атина. За нападот со боја одговорност презеде грчка анархистичка група.
Реклама
Полицијата во Атина соопшти дека осумте лица ги уапсила откако десет мотоциклисти рано утрината фрlиле црвена боја на влeзот во паркингот на амбасадата на Соединетите Американски Држави во грчкиот главен град. Анархистичката група позната како Рувиконас на интернет објави дека е одговорна за нападот, кој се случил во 3:30 минути изутрина по локално време.
Во објавата на Рувиконас како причини за нападот се наведени „американскиот империјализам“, грчкиот договор со Македонија за промена на името на соседната земја во Северна Македонија во замена за членство во НАТО, како и неодамнешната американска одлука за повлекување на нејзините трупи од Сирија, со која курдските борци се оставени на милост и на немилост на, како што пишува групата, „полуфашистичката држава“ Турција.
Групата Рувиконас и предходно изведуваше слични напади врз амбасади, грчки државни институции и канцеларии на политички партии.
Кои држави имаат проблем за името?
Македонија и Грција потпишаа договор за решавање на спорот за името. Името на државата се јавува како проблем и во односите на други држави во светот. Еве неколку примери:
Фотографија: picture-alliance/Kyodo/MAXPPP
Договор меѓу Македонија и Грција
Грција и Македонија со децении имаат проблем во односите поради името. По распадот на Југославија, Македонија прогласи независност и стана самостојна држава Република Македонија. Грција со тоа има проблем, нагласувајќи дека Македонија се вика нејзиниот северен регион. Двете земји во јуни годинава потпишаа Договор за решавање на спорот за името.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Република Ирска и Северна Ирска
Ирците долго имаа проблем во односите со Обединетото Кралство. Ирска со векови беше дел од Обединетото Кралство. Со Англо-ирскиот договор од 1921 година на Ирска ѝ беше дадена независност, но со посебна клаузула на Северна Ирска ѝ беше дозволено да остане во рамките на Обединетото Кралство.
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Carson
Острови за кои се водеше војна
Островите во јужниот Атлантик имаат француски, британски, шпански и аргентински населби. Велика Британија во архипелагот кој го нарече Фолкландски Острови воспостави своја управа во 1833. Аргентина ги нарекува островите - Малвински Острови и ги сметаше за дел од својата територија. Во 1982. Аргентина изврши инвазија на островите, но британските сили ја вратија територијата во свои раце.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сенкаку или Диаоју?
Малата група острови под јапонска контрола во Источнокинеското Море долго беше спорна тема меѓу Јапонија и Кина. Кина тврди дека ги открила островите Диаоју во 14 век. По Втората светска војна со островите управувале САД, но ѝ ја вратиле контролата над островите на Јапонија во 1972. Со откривањето на нафтени резерви на островите кои Јапонија ги нарекува Сенкаку, спорот повторно е разгорен.