1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција - општество во ќорсокак

Алкионе Караманолис9 декември 2008

Ескалација на безредија предизвикани од „автономните“ (анархо-радикални левичари). И пошироко во општеството врие опасна смеса од бес и очај. Сегашните настани - последица од „наследството“ од граѓанската војна?

Од нередите во АтинаФотографија: AP

Правната држава е во опасност, демократијата во криза - наслови што одвај би можеле да ги лоцираме некаде во Европа. А сепак од неделата тие стигнуваат до нас од Грција. Земјата не може да се смири по смртта на едно 15-годишно момче од полициски истрел. „Трагично е што се случи. Настрада еден од нас. Се’ додека политиката ја штити полицијата, се дотогаш ќе има и убиства“ - изјавата на една ученичка го одразува расположението не само меѓу младите во Грција, туку во меѓувреме и во широки општествени слоеви.

15 граѓани го загубија животот од полициско насилство од крајот на воената диктатура во 1974-та. Тука веќе не може да се зборува за поединечни случаи, смета Григорис Рубанис, новинар од левоориентираниот весник „Елефтеротипија“. „Настаните имаат врска со ставот на полицијата спрема општеството. Од кои и да било причини, полицијата смета дека може самата да го земе законот в раце“, вели Рубанис и наведува случај од минатата година, кога еден студент стигна до болница, претепан од полицаец. Неговото семејство морало да се обрати до европски суд за таму да ја добие правдата. „Имаме инциденти од полицијата против странци, Роми, невработени. Полицијата дејствува како продолжена рака на законот“.

„Задоцнетите последици од граѓанската војна“

Од викендот во вонредни емисии се информира за безредијата и демонстрациите и во разговори се бараат објасненија, посебно за повторените судири меѓу полицијата и граѓаните. Станува збор за слабо платени и слабо обучени безбедносни сили. За новинарот на „Елефтеротипија“, фактичката причина за нападите од полицијата сепак лежи во повоената историја на Грција: во граѓанската војна која изби по 2-та светска војна и траеше до 1949-та. „Со граѓанската војна не се добиени само права, туку таа на општеството му остави во наследство и одреден менталитет на самоволие во однос на секого, кој ја става под прашање моќта на државата. Токму во тој дух е заробена грчката полиција“. Рубанис натаму вели дека омилен слоган во полицијата секогаш бил: „Против левичарите и нивните следбеници“. Кој го ставал под прашање самоволието на полицијата, бил или комунист, или нивен следбеник. „Кај полицијата до денес владее ставот дека дека државната власт смее да му се одмаздува на останатиот дел на општеството. Тоа се задоцнетите последици од граѓанската војна“, вели новинарот.

Нужна е модернизација на грчкото општество

Иако конзервативниот премиер Костас Караманлис во говорот до нацијата беше категоричен дека државната власт нема да ги толерира безредијата, тие продолжија и во меѓувреме не се на улица само „автономните“. Има потенцијал за масовни протести, смета Рубанис. „Нашето општество носи длабоки лузни. Тоа е незаштитено изложено на економско самоволие на државата. Граѓаните гледаат богати политичари, додека многумина од нив самите се на работ на финансиска руина“. Тој укажува на уште еден момент: во последно време со еден голем скандал е разнишана и веродостојноста на црквата, врз која се потпираат големи делови од општеството. Освен тоа, „грчкото општество со децении чека на модернизација, која би опфатила правна држава, уредна полиција и правосудство без дамки. Јавните системи на образование и здравство се наоѓаат во распад. Накратко речено - ние како општество се наоѓаме во ќорсокак“, вели Рубанис.

Костас КараманлисФотографија: picture-alliance/ dpa

Премиерот наспроти општеството

Во меѓувреме Грците вчера повторно можеа да видат на телевизија како полицајци со клоци удираат демонстранти. Ако не се промени политичката култура во Грција, сегашниве безредија ќе бидат само почеток, смета тој. „Деновиве разговарав со политичар од висок ранг. Негова проценка е: претставниците на конзервативната фракција ја сметаат државата за нивна сопственост. Тие веруваат дека се’ што е јавно, е нивно. Го слушнавме сега и говорот на премиерот - ако се анализира неговата позиција, тогаш е тоа позиција на човек кој не му припаѓа на општеството, туку стои наспроти него“, вели новинарот на весникот „Елефтеротипија“ Григорис Рубанис.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми