1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција очекува туристички рекорд

Јерг Зајселберг
22 април 2022

И покрај, или можеби токму поради војната и сите неволји, се чини дека многумина одвај чекаат да заминат на одмор - во текот на празниците, но и подолго. Книгите на грчките хотели се веќе речиси полни.

Griechenland Kreta | Luxue Ferienanlage Candia Park
Фотографија: Fokke Baarssen/Zoonar/picture alliance

Во двата хотела на Никос Бухос во Калитеа, на Родос, подготовките за сезоната се одвиваат со полна пареа. Целиот остров, кој е омилена дестинација и за германските туристи, се дотерува, а во многу хотели работите се при крај. Бухос вели дека веќе има премногу резервации: „Луѓето копнеат да одат на одмор по толку долго време. Изгледа како одвај да чекаат да избегаат!“

Така е не само во туристичките дестинации. За разлика од претходните години, цути и градскиот туризам, а Атина, веќе сега, е преполна. „Сѐ е полно со туристи, не само Грци, туку и странци. Многу, неверојатно многу“, вели Џени, сопственичка на кафуле во атинскиот кварт Плака. Војната во Украина овде изгледа многу далечна и таа има впечаток дека нејзиниот бизнис оди дури и подобро отколку во рекордната година пред пандемијата.

И германскиот туроператор ТУИ смета дека во Грција ќе донесе повеќе туристи отколку во 2019-тата. Слично размислуваат и авиокомпаниите, така што Изиџет, на пример, за туристите од Велика Британија воведе половина милион авио-места повеќе отколку во годината пред короната.

Грција официјално го објави почетокот на туристичката сезона малку порано: наместо на православниот Велигден, датумот беше поместен за почетокот на мартФотографија: Moritz Wolf/imagebroker/imago images

Секое петто евро доаѓа од туризмот

Претседателот на Здружението на грчките угостители, Лисандро Цилидис, тоа може само да го потврди: „Навистина, оваа година има голема подготвеност за доаѓање во Грција, таа е дефинитивно поголема отколку во лошата претходна, а особено поголема отколку во катастрофалната претпоследна година. Не знам дали ќе го надминеме рекордот поставен во 2019 година. За тоа ни требаат поголеми хотелски капацитети за да се сместат повеќе луѓе“.

Но, дури и број на ноќевања каков што имаше во 2019 година би бил огромен успех за грчката економија. Затоа што ретко која земја во Европа е толку зависна од туризмот: секое петто евро доаѓа од туризмот, исто како што секое петто работно место зависи од тоа. Сопственикот на хотел на Родос верува дека барем ќе го достигне рекордот: „Да, така изгледа сега. По две години, ќе можеме да отвориме според планираното, за летово имаме уште само по некој слободен кревет - а побарувачката сè уште трае“.

Секое петто евро во Грција доаѓа од туризмот, секое петто работно место зависи од тоа (фото: Акрополис, 2017)Фотографија: Roman Sigaev/Zoonar/picture alliance

Грција официјално го објави почетокот на туристичката сезона малку порано: наместо на православниот Велигден, датумот беше поместен за почетокот на март. Тоа значи и друг, почест распоред на бродови и траекти, друго и подолго работно време, но хотелиерите беа изненадени од оваа промена и сѐ уште ги немаа завршено подготовките. Грчкиот министер за туризам Василис Кикилијас вели дека меѓународните туроператори и авиокомпании инсистирале на продолжување на сезоната за да можат да донесат повеќе туристи во Грција.

Германските туроператори ги фалат, меѓу другото, грчките „убедливи хигиенски концепти и транспарентност“ за време на пандемијата. На Грција ѝ се исплати тоа што со краткорочна помош за вработените во туризмот, како и помош и даночни олеснувања за компаниите, одржа во живот големи делови од хотелиерството.

Во гастрономијата, меѓутоа, работите не изгледаат толку добро. Според медиумски информации, во гастрономијата морале да се затворат четири од десет компании. Во моментов, во грчката туристичка инфраструктура сѐ уште се влеваат 320 милиони евра од корона-помошта на Европската унија, меѓу другото и во обука на персоналот, во еколошки мерки и дигитализација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми