1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Грција: Црквата меѓу традицијата и заштитата на здравјето

18 јануари 2021

Грчкото православно свештенство осцилира помеѓу прифаќање и отфрлање на мерките за сузбивање на пандемијата. Верските лица сакаат да учествуваат во носењето на важните државни одлуки - и така го поларизираат општеството.

Griechenland Religion l Orthodoxe Ostern
Фотографија: picture-alliance/AP/Y. Karahalis

Дали три грчки телевизии на почетокот на јануари ширеле „лажни вести” со кои „ја оцрнуваат религијата”? Такви се барем обвинувањата од страна на „Светиот Синод”, колективното водство на Грчката православна црква, кои ден пред Василица стигнаа на адреса на Националниот совет за радиодифузија на Грција.

Телевизиите навистина го критикуваа бунтот на православното свештенство против државните мерки за празникот на 6 јануари.

Вообичаено црквата, која во Грција игра исклучително силна улога, во најдобар случај на таков начин е напаѓана само во печатените медиуми.

Значи, најголемиот дел од публиката, односно гледачите, најчесто остануваат поштедени од таквото „богохулење“. Затоа свештенството сега се чувствува нападнато и се обидува да го возврати ударот - и со еден замав да ја „заташка” и интерната црковна кавга за пристапот кон пандемијата.

На почетокот на годината целото грчко свештенство беше согласно: и покрај официјалната забрана, сите цркви ги отворија портите за верниците на 6 јануари. „Ние демонстриравме непослушност, а државата толеранција”, ја сумира ситуацијата портпаролот на Светиот Синод, митрополитот Атинагорас.

Но, свештениците немаа ист став околу тоа до каде треба да оди нивната непокорност. Во повеќето цркви мерките за заштита од корона во некоја мера беа почитувани. Во некои, пак, демонстративно беа игнорирани со образложение на дел од свештенството дека човек не можел да се зарази за време на светата литургија, или дека верата штитела од секаква болест.

Следствено, таму верниците светата причест ја добиваа од истата лажичка, како што отсекогаш се практикувало во православната црква. И потоа ја бакнуваа раката на попот.

Грчки свештеници на инаугурацијата на новата влада на Мицотакис, 9.07.2020Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Црковни балансирања

Со оглед на тоа дека вториот бран од пандемијата е посмртоносен отколку првиот, внатрецрковниот спор околу третирањето на пандемијата сѐ повеќе се разгорува. „Модерните” се исправени наспроти „традиционалните”, „рационалните” се против „визионерите”. Покрај короната, спорот е и околу тоа кој ќе биде наследник на архиепископот Јероним, кој е стар и болен, а во меѓувреме беше заболен и од Ковид-19. Грчкатаправославна црква се обидува да најде баланс меѓу прастарите верски ритуали, давање морална поддршка на верниците и заштитата на здравјето на луѓето.

Тоа не секогаш вродува со плод. Многу попови и архиепископи сметаат дека „Божјите закони се над човечките”, како што митрополитот од Крф, Нектариј, постојано нагласува во јавноста.

Повеќе:

Коронавирус: Тивки ноќи во Германија за празниците

Корона: Велигден во Ватикан - овојпат без верници

Религијата во доба на коронавирус

Едно свештено лице „удри контра”

Спротивно од Нектариј и свештенството што застапува слични ставови како него, еден свештеник во Каламата на 6 јануари ја прекина литургијата бидејќи неколку верници не сакале да носат маска. „Оние кои не носат маска ќе мора да ја напуштат црквата. Почитувајте ги своите сограѓани и законот. Да се противите можете само во своите домови, а не овде”, рекол попот.

Случката била снимена со мобилен телефон, видеото на интернет брзо стана вирално. Повеќето коментари беа позитивни, но има и многу верници кои носењето маска го сметаат за антихристијанско, а вакцината за „масло на ѓаволот”.

Митрополитот од Китера, Серафим, на пример, неодамна пренесе една теорија на заговор што кружи низ светот: „Вакцините се прават со материјал од абортуси. Овој материјал кој потекнува од убиени ембриони ни се пренесува за од нас да креираат постхумно мутирани луѓе, односно од луѓето да направат роботи. Ние православните не можеме прифатиме вакво нешто.“ Алудирајќи на реченицата на Свети Никифор Лепрозен, тој истакна дека најдобар лек за коронавирусот не била вакцината, туку светата причест.

Вториот корона-бран однесе многу повеќе жртви од првиот: закопување на починат од Ковид-19 во СолунФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Вакцинација пред камера

Но, Серафим не го дефинира наративот на Грчката православна црква. Светиот Синод се повикуваше на наоди од научници, кога свештенството пред неколку дена соопшти дека вакцините против корона не содржат ниту ембриони ниту нивен клеточен материјал. Одлуката за вакцинирање, според Синодот, не била „ниту теолошка ниту црковна тема, туку главно медицинско-научна и слободен избор на секој човек кој го прави во комуникација со својот лекар, без притоа вакцинацијата да значи отстапување од вистинската вера и животен пат“.

Кон крајот на декември, кога во Грција пристигнаа првите вакцини, митрополитот Јерофеј се вакцинираше пред камера. Тој тогаш нагласи дека благодарение на вакцината се зголемува очекуваниот животен век.

Некои свештеници се придржуваат до корона-мерките: празна црква во Атина за време на локдаунот во април 2020 годинаФотографија: DW/O. Gill

Дали лажичките за една употреба се грев?

Во глобала, свештениците се свесни за ризиците од пандемијата. Тие држат онлајн миси и се обидуваат да го заштитат сопственото здравје, особено откако бројни црковни великодостојници се разболеа од Ковид-19, а неколкумина и починаа. Сепак, се чини дека свештениците не можат да одат против сопствените убедувања. Тие категорично тврдат дека не можело човек да се зарази за време на светата причест. „Рационалните“ се плашат да предложат алтернатива за причеста од едно исто лажиче – божем лажичките за една употреба се грев.

И покрај многуте спорни точки, повеќето свештеници во едно се согласни – без исклучок сакаат да имаат право на глас кога грчката држава ќе носи одлуки. Без разлика дали е тоа поврзано со корона-кризата, со прославата на 200-годишнината од грчката револуција од 1821, или пак за односите со Северна Македонија – грчкото православно свештенство го злоупотребува своето влијание врз верниците ставајќи ги сите влади досега под притисок. За волја на вистината, во однос на ова никогаш немало несогласување кај црковното раководство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми