1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Преломен момент за Сириза

Јанис Пападимитриу
13 октомври 2016

Грчкиот премиер Алексис Ципрас сака да ја преобрази Сириза во силна, нему верна народна партија. Но, партискиот конгрес на Сириза е во знак на конфликтот меѓу идеологијата и политиката на штедење

Griechenland - Tsipras stellt sich der Vertrauensfrage
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Vlachos

„Ќе бидеме мерени врз основа на нашата способност да владееме“, ги предупреди грчкиот премиер Алексис Ципрас своите сопартијци од Сириза во февруари 2015 година. Тоа беше само неколку недели по неговото стапување на функцијата, а младиот премиер веќе имаше претрпено тежок удар: на Грција не ѝ беше одобрен отпис на долговите, туку пролонгирање на претходно сатанизираните кредитни договори со меѓународните финансиери, Европската централна банка, ЕК и ММФ. Внатрешнополитичките противници организираа бунт, во летото 2015. година навистина се случи расцеп во Сириза: радикалното лево крило околу тогашниот министер за енергетика Панајотис Лафазанис се откажа од Ципрас, се закани со „борбени комитети“ против ЕУ-диктатот за штедење, залудно ја проба својата среќа на вонредните парламентарни избори што уследија и на крајот потона во безначајност и заборав. Оттогаш Сириза останува перманентно градилиште. Во минатите месеци постојано беше одлаган партискиот конгрес за расчистување на односот на силите. 

Но, сега (13.10.2016) 3.300 делегати од цела Грција пристигнуваат на четиридневниот партиски собир во пристаништтео Пиреја. Ципрас сака да ги продобие членовите на Сириза, што не е ни малку лесен потфат. „Партијата Сириза е необична, во Европа сигурно уникатна појава: таа се состои од бројни различни струења, што ја чини силна, но истовремено е и нејзина слабост“, објаснува Николос Вулелис, директор на левоориентираниот „Уреднички весник“ во Атина. Спротивно на некои очекувања во земјата и во странство, Сириза ни на овој партиски собир по сѐ изгледа нема да се приближи кон социјалдемократијата, туку ќе остане верна на својата идеологија, вели Вулелис во разговор за Дојче веле. Но, колку оваа идеолошка принципиелност е помирлива со примена на омразената политика на штедење? Вулес верува дека пакетот мерки за штедење за Грција беше пораз за Сириза. Но, тој дополнува: „Дополнително или паралелно со владината политика во игра треба да се внесе и левичарска агенда. Во овој поглед партијата треба да преземе водечка улога со свои содржини и предлози.“

Алексис Ципрас пред ново искушениеФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Заткулисни интриги

Всушност, Ципрас лично вети „левичарска паралелна програма за социјално слабите“ кога во јули 2015. година повторно направи отстапка и „голтна“ натамошни мерки за штедење. Атинскиот политиколог Левтерис Кусулис смета дека левичарскиот премиер на партискиот собир по којзнае кој пат ќе ја докаже својата преобразувачка способност.

„Во воздухот лебди здив на револуција, во Пиреја ќе го доживееме стариот Ципрас“, вели Кусулис за Дојче веле. Ципрас веројатно ќе се дистанцира од својата сопствена владина политика и ќе ги уверува делегатите дека нема да го предаде сопственото левичарско минато и своите визии. „Во владата се греши, но во партијата се спасува пролетерската душа“, смета аналитичарот. Освен тоа, Ципрас презема чекори за обезбедување широка поддршка за себе во партиските тела: бројот на членовите на Централниот комитет на Сириза од 201 се намалува на 150. Само 25 проценти од овие функции ќе бидат доделени на кандидати со државни функции. Преку овие правила од Централниот комитет ќе бидат исклучени бројни политичари од старата гарда, а се претпоставува да дојдат приврзеници на Ципрас.

„Алексис Ципрас ќе добие силна потврда ако мнозински убедливо биде реизбран за лидер на Сириза“, истакнува европратеникот Димитрис Пападимулис. За најважна внатрешнопартиска опозициска група моментно важи т.н. „Движење 53“. Во него припаѓаат 53 политичари од Сириза, кои во основа гласаат за економските рестрикции за Грција, но инсистираат на постоење одредени црвени линии. За водечка фигура на оваа група се смета токму министерот за финансии Еуклид Цакалакос. Неодамна тој предизвика бранувања со патемно формулираната изјава дека е потребно да се размисли дали е Грција способна да опстои во сегашната еврозона. Потоа, министерот се вадеше на погрешна интерпретација, тврдејќи дека зборовите му биле извадени од контекст. Дали со Цакалос на дневен ред повторно доаѓа агендата на догматичарите? „Не верувам оти ’Групата 53’ претставува опасност. Ципрас всушност ја има партијата под контрола“, уверува Николас Вулелис. 

Ципрас остро настапува против опозицијата

Кон новата самодоверба на Ципрас спаѓаат и најновите остри тонови против опозицијата, потенцира политикологот Кусулис. За шефот на Сириза линијата на разделување е јасна: ние сме добрите, вие сте корумпираните. Најава за она што ќе следи левичарскиот премиер презентираше во парламентарната дебата на тема корупција во вторникот: конзервативниот шеф на опозицијата Киријакос Мицотакис е „дете на Сименс“, „грмеше“ Ципрас. Тоа беше јасна алузија на корупциската афера Сименс, за која, од аспект на левичарскиот премиер, соодговорни се конзервативците и социјалистите, кои наизменично владееја минатите децении.Во улогата на антикорупциски борец Ципрас ќе настапи и на партискиот конгрес, смета Кусулис, зашто: „Задачата на вакви партиски собири е токму да се тргне во војна против реалноста.“

 

Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте сетука

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми