1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Промена на власта среде одмори

Спирос Москову
8 јули 2019

Победата на конзервативците на предвремените избори во Грција значи привремен крај на „левичарската револуција“ на Алексис Ципрас. Гласачите веќе немаат илузии, смета Спирос Москову.

Griechenland Parlamentswahlen 2019 Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

„Не може да му се расипува летниот одмор на народот“, се спротивстави во осумдесеттите години од минатиот век социјалистичкиот премиер на Грција, Андреас Папандреу, кога неговите советници му препорачуваа да објави предвремени избори среде лето. Актуелниот левичарски премиер Алексис Ципрас ја отфрли оваа стара политичка мудрост и повика на избори во време на главата сезона на одмори.

Над 40 проценти од Грците не излегоа на гласање, а Ципрас и неговата владеачка партија ја загубија поддршката. Конзервативната Неа Демократија на Киријакос Мицотакисизвојува убедлива победа и обезбеди парламентарно мнозинство. Но промената на власта во Грција не се должи само на летните горештини. Гласачите во земјата потресена од кризи во меѓувреме се екстремно разочарани и свесни дека враќање назад во времето пред да започне кризата е невозможно. Ципрас во 2015 година беше избран со големо мнозинство, бидејќи најави дека ќе ја „искорени“ програмата за штедење на банкротираната земја и ќе се рефлектира волјата на финансиските пазари. Наместо тоа, по три избори во една година, договорен е трет спасувачки пакет од меѓународните кредитори, а програмата за штедење на неговите претходници продолжи. Левичарската револуција се претвори во социјалдемократски метод за справување со кризата.

Спирос Москову

Умереното закрепнување на економијата не е доволно

На крајот на краиштата, владата на Ципрас е најдолготрајната од 2010 година, кога Грција ги замоли партнерите за помош, бидејќи веќе не беше во состојба да ги рефинансира пазарите. За време на владееењето на Сириза, Грција бележеше слаб раст, а третата и последна програма за спас заврши летото 2018 година. Атина може повторно сама да се рефинансира, собра малку финансиски резерви и профитираше од процутот на туризмот.

Кирјакос Мицотакис е прилично умерен политичар, со други зборови - не презема земја која е на раб на амбис. Сепак, големи се очекувањата од наследникот на старата политичка династија. Грција е сѐ уште под будното око на нејзините кредитори и потребен е многу посилен раст за да се постигнат договорените суфицити за наредните години. Невработеноста падна од 26 на 18 проценти, но сѐ уште е највисока во рамките на ЕУ. На земјата ѝ се итно потребни инвеститори, кои левичарската Сириза не успеа да ги придобие поради својата иницијална одбивност кон приватниот сектор. Неа Демократија, како една од партиите што ја сноси главната одговорност за грчката криза, сега мора да се покаже како одговорна сила.

Поради тоа нема да го разниша најголемото достигнување на Ципрас – договорот со Северна Македонија со кој се реши деценискиот спор за името со соседната земја. Мицотакис постојано го критикуваше договорот и најави дека сака да преговара за промена на некои делови од него. Но, веројатно нема да го стори тоа, бидејќи со малку поголема доза на патриотизам од потребното може да привлече повеќе „етнички мотивирани“ гласачи, но ќе ја вознемири меѓународната заедница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми