1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антиката ја одредува политиката во Македонија

ЖА/ печат
28 февруари 2018

Помирливите гестови од Македонија не влијаеја многу врз подготвеноста за компромиси на Грците во регионот Македонија во спорот околу името, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“. Умерените политичари на тапет.

Griechischer Salat
Фотографија: picture-alliance/chromorange/B. Jürgens

„Кујната е новото оружје во арсеналот на грчките Македонци за да им ги покажат границите на своите северни соседи“, пишува во воведниот дел авторот Маркус Бернат во текстот посветен на  спорот за името меѓу Македонија и Грција.  Тој  се осврнува на иницијативата на северногрчкиот регион - македонската кујна да се најде на листата на културно наследство на УНЕСКО, со што, според иницијаторите, на ПЈРМ, освен на дипломатски паркет, би ѝ бил зададен чувствителен и траен пораз и на гастрономски план, што е посебно важно сега, кога грчката влада има намера конечно да го тргне спорот за името со соседот.

„Македонија е овде, а таа држава таму е фикција...Ние сме во ситуација како Бретања и Велика Британија. На почеток ни изгледаше и нам комично, но ова овде е Балкан, ние немаме соседи како Франција - Швајцарија и Австрија“, ги пренесува НЦЦ изјавите на иницијаторите од конзервативно предводената регионална управа на северногрчкиот регион Македонија, продолжувајќи:

„Застрашувачката слика на ирационален, воено настроен Балкан е претстава за која постојано се слуша при патувањето низ регионот Македонија во Грција. Словените сакаат да обезбедат пристап до Егејот, а кој гарантира дека некоја друга влада во Скопје еден ден нема да објави: сите Македонци, и овде и таму, треба да бидат заедно?... За Теофанос Папас, еден од помладите вицегувернери на регионот Централна Македонија, договор со Скопје за името има далекусежно значење: 'Ние не губиме територија, но ризикуваме да загубиме дел од нашата историја'“.

Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Повеќе на темата: 

Катимерини: Седум точки кои во целост мора да се прифатат или одбијат

(Исправка) Заев: Македонија има четири опции за промена на името

Споено име - формула за бришење на кратенките МК и МКД

Весникот во овој контекст потенцира дека во Грција, по осум години кратења на платите и пензиите и зголемување на даноците, се шири чувството на распродажба на земјата, оттаму чувствителноста и околу спорот за името Македонија. Сите оние кои повикуваат на разумност и бараат решение на проблемот, се на удар, на пример градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, против кого се води кампања на Фејсбук.

„Бутарис не е единствен кој се залага за решение во спорот за името. Неговиот колега Лефтерис Јоанидис, градоначалник на Кожани, главен град на регионот Западна Македонија, мисли слично. 'Вистината е најдобриот пат за одење напред. Го кажувам моето мислење иако не е популарно', вели тој, а се залага, исто како и владата во Атина, за име на соседната држава со географска одредница, што ќе направи дистинкција од грчкиот регион Македонија. 'Знаеме дека остатокот од светот ќе ја вика Македонија и дека е призната како таква', свесен е градоначалникот...“

„Преименувањето на аеродромот Александар Велики во Скопје и автопатот кој води до грчката граница, како гестови на добра волја од Скопје, се чини не оставија голем впечаток врз Грците во Македонија. Многумина спорат дека 'словенска Македонија' од поранешна Југославија некогаш воопшто била дел од историскиот регион Македонија. Да се води дебата со аргументи е многу тешко, првенствено поради дезинформациите и навредите на социјалните мрежи, резигнирано констатира соработник на кожанскиот градоначалник Јоанидис. Грчките прагматичари се доведени во ситуација да мора да се борат против антиката“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Против градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис се води кампања на ФејсбукФотографија: DW/F.Schmitz

„Покажување мускули на Балканот“

Весникот „Винер цајтунг“ во интернет изданието пак во текстот со наслов: „Покажување мускули на Балканот“ се осврнува на руската желба за зголемување на своето влијание во Југоисточна Европа, контрирајќи ѝ на ЕУ, по повод најновата посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Белград:

„Русија со недоверба гледа на напорите на државите од Западен Балкан за приближување кон ЕУ, иако не секој политичар тоа го формулира онака како неодамна претставникот на Руската православна црква, митрополитот Хиларион. За него пристап на Србија во ЕУ би бил предавство на православието и неспоиво со натамошен дијалог со Русија...“

„Станува збор првенствено за сфери на влијание. Набљудувачите од пред извесно време предупредуваат дека Русија сака да го прошири своето влијание на Балкан, а да ја истисне ЕУ, која се чини со години го запоставуваше регионот. Но, Москва пред сѐ се противи на проширување на НАТО. Лавров ваквите планови ги нарече 'европски безбедносен проблем' и грешка. Сепак, Русија не можеше да го спречи зачленувањето на Црна Гора во Алијансата, а и Македонија стреми кон истото.

Москва меѓутоа се обидува со попречувачки маневри. Во близина на српскиот град Ниш Русите имаат тренинг-центар, таков треба да има и во БиХ. Тамошните сепаратистички амбиции на Република Српска на Москва можат да ѝ бидат само добредојдени. Распадот на БиХ би значел не само опасност по и онака кревкиот регион, туку би задал удар и на напорите на ЕУ за посилно врзување со овие земји.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми