1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција се договори со кредиторите

ЖА
2 мај 2017

По повеќемесечни преговори, презадолжената Грција постигна договор со меѓународните кредитори и може да смета на нова финансиска инјекција.

Griechenland Hilfen Parlament Athen Flagge
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Plegas

Грција и нејзините доверители се согласија околу нов пакет реформи за штедење, кој ќе отвори пат кон натамошна финансиска помош за економски западнатата земја. „Се појави бел чад“, изјави министерот за финансии на Грција, Еуклид Цакалотос за грчката телевизија ЕРТ. На договорот му претходеа повеќемесечни маратонски преговори. Станува збор за пакет мерки за штедење во висина од околу 3,6 милијарди евра,како што се дознава од Министерството за финансии во Атина. Најважни резови ќе бидат кратење на пензиите до 18 проценти, почнувајќи од јануари 2019. година и намалување на годишната сума ослободена од оданочување од 8636 на 5681 евро.

Експертите од Европската комисија, од Европската централна банка, Европскиот стабилизирачки механизам, ЕМС и ММФ својот извештај по ова треба да го достават до Еврогрупата. Дури потоа може да се отпочне со исплаќање на натамошни транши од вкупниот пакет за финансиска помош, „тежок“ до 86 милијарди евра. Според проценките на германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, Грција може да смета на првите исплати од 22 мај натаму. Освен тоа, ММФ мора да се изјасни околу своето учество. Свежи пари на Грција ќе ѝ бидат итно потребни во јули, кога стигнуваат за наплата обврски по кредити од преку седум милијарди евра.

Грција од 2010. година е зависна од помошта на меѓународните кредитори. Во 2015. година Атина со своите евро-партнери го договори третиот пакет финансиска помош во износ до 86 милијарди евра. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми