Грција тоне во нов бран штрајкови
13 октомври 2011Денеска (13.10) штрајкуваат вработените во јавниот транспорт, адвокатите ја запираат работата до 19. октомври, а се затвораат и вратите на државните болници. Општинските работници го блокираа пристапот до депониите, така што куповите отпадоци на улиците во Атина стануваат еколошка закана. Даночните инспектори, цариниците, учителите и банкарските службеници, исто така соопштија дека денеска и утре ќе штрајкуваат.
Музеите и археолошките наоѓалишта денеска остануваат затворени, бидејќи вработените во Министерството за култура ја прекинаа својата работа, заедно со вработените од најпознатата знаменитост во земјата - Акропол, затоа што пет месеци не добиле плата.
Двата најголеми синдиката во земјата соопштија дека организираат генерален штрајк на 19. октомври.
Утре на улиците ќе излезат и новинарите од државните медиуми. Со протести од утре почнуваат и таксистите, кои повторно ќе го кренат гласот против владиниот предлог закон за либерализирање на нивната професија.
Автор: АТ/ миа
Редактор: Е.М.Фиданоска