Турција, Италија, Грција– топлотен бран од историски размери
АРД
2 август 2021
Пожарникарите во Грција, Италија и Турција се борат со стотици пожари. Во истовреме луѓето се справуваат со огромните горештини со температури над 40 степени.
Реклама
Според метеоролозите топлотниот бран во Грција достигнал историски размери. Од Метеоролошкиот завод прогнозираат дека температурата до викендот ќе се искачи најмалку до 44 степени. Експертите го споредуваат времетраењето и високите температури со оние во 1987 година. Според проценките, тогаш во Грција по неколку дена температури од над 40 степени како последица на жештините починаа над 4000 луѓе.
Дел од метеоролозите стравуваат дека во следните денови термометрите можат да покажат рекордни вредности. Во 1977 година во Атина и во 30 километри оддалечениот град Елфсина се измерени 48 степени. Тоа е досега највисоката температура измерена во Европа.
И навечер 30 степени
Во многу места температурата и навечер не паѓа под 30 степени. Поради тоа луѓето не можат да се опорават по последователните жешки денови. Многу луѓе се настинати, ги боли грло и имаат главоболки поради тоа што седат под клими кои работат постојано.
Горештините го ставаат на тест и енергетскиот систем во земјата. Поради ова многу техничари се во состојба на готовност. Сите енергетски постројки се поврзани со националниот енергетски систем, се вели во официјалното соопштение. Постојано има предупредувања дека постои опасност од пожари поради големата суша.
Пожари во јужна Грција
Во неделата попладне избувна пожар на островот Родос. Повеќе села мораше да се евакуираат, а на многу места поради пожарот струјата беше во прекин. Дел од населението од островот велат дека имало проблеми и со водоснабдувањето. Викендов гореше и на полуостровот Пелопонез. Најголемиот дел од пожарите се ставени под контрола. Пет села во близина на пристаништето Патра мораше да се евакуираат. Најмалку 16 лица беа хоспитализирани поради респираторни проблеми од чад.
Турција – најстрашни пожари во последниве неколку години
И понатаму многу критична е ситуацијата во Турција каде пожарите постојано се шират поради силниот ветар. Според Си Ен Ен на турски јазик, во омиленото туристичко место Бодрум во неделата била евакуирана цела населба. 540 луѓе морало да бидат евакуирани со брод на сигурно, бидејќи улиците биле блокирани и непристапни. Според НТВ, и во Анталија имало евакуација на население. Таму во неделата биле пронајдени две изгорени тела. Со тоа бројот на жртви, од кога пред пет дена избувнаа пожарите, се искачи на десет. Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ноќеска на Твитер напиша дека 122 од 129 пожари во земјата се под контрола.
Во Анталија и Мугла, провинции кои се најпогодени од пожарите во следниве денови се очекуваат температури над 40 степени. Во туристичкиот регион Бодрум пак се очекува и ветер со 30 километри на час.
Европската Унија најави помош за Турција во борбата против пожарите. Ќе бидат испратени два канадери од Шпанија и еден од Хрватска, соопштија од ЕУ. Досега Русија, Украина, Иран и Азербејџан испратија единици за помош.
Ова се инаку најстрашните пожари во Турција во последнава декада. Од почетокот на годинава, според властите, изгорени се над 95.000 хектари површина. Од 2008 до 2020 во истиот период во просек гореле околу 13.000 хектари.
Ситуацијата на Сицилија и Сардинија полека попушта
Викендов во Италија најмногу гореше на Сицилија. Пред се на истокот и околу градот Катанија огнот предизвика големи штети, вклучително и кај одморалиштата и плажите. Премиерот Марио Драги во неделата потпиша декрет со што се овозможи и пожарникари од други региони да одат на помош во Сицилија.
Од кризниот центар за денес го намалија ризикот од пожари во многу области на Сицилија. Сега на целиот остров важи опасност од среден ризик. Претходно на истокот беше црвена зона со висок ризик од пожари. Во последниве денови и таму температурите беа околу 40 степени, а денеска паднаа под 30 степени. Сушата и силните ветрови заедно со горештините беа причина за брзо ширење на пламените јазици.
Претходно од големи пожари беше погоден и западниот дел на туристичкиот остров Сардинија. Гореше и во туристичките населби. Службата за цивилна заштита на островот за денеска предвидува само среден степен на опасност од пожари.
Светот шокиран од убиствените екстремни временски прилики
Германија, Канада, Кина - драматичните слики кои се последица на екстремното време доминираат во последните недели. Дали за тоа е одговорна климатската криза?
Фотографија: AFP/Getty Images
Поројни дождови и поплави во Европа
Досега невидените поплави предизвикани од дводневни обилни врнежи дожд, колку што обично паѓаат во два месеци, во Германија и Белгија однесоа најмалку 209 човечки животи. Реките во средината на јули се претворија во надојдени буици и уништија села и објекти стари со векови. Обновата на куќите, фирмите и инфраструктурата, според проценките, ќе чини повеќе милијарди евра.
Фотографија: Thomas Lohnes/Getty Images
Екстремно поројни дождови
И делови од Индија и од Кина се погодени од рекордни поплави, дојде до излевање на акумулации и одводни канали. Научниците предвидоа дека промената на климата ќе доведе до зачестени и пообилни врнежи од дожд - загреаниот и потопол воздух апсорбира повеќе вода, што води до повеќе дождови.
Фотографија: AFP/Getty Images
Поплави во централна Кина
Повеќедневните непрекинати дождови на крајот на јули предизвикаа катастрофални поплави во централнокинеската провинција Хенан. Повеќе луѓе ги загубија животите, стотици илјади мораа да ги напуштат домовите. Во провинцијата Женгџоу бројни патници останаа заглавени во метрото поплавено од водата. Областите во провинцијата се уште потешко погодени.
Фотографија: Courtesy of Weibo user merakiZz/AFP
Рекордни жештини во САД и во Канада
Неподносливата горештина е сѐ почеста, како на крајот на јули во американските сојузни држави Вашингтон, Орегон и канадската провинција Британска Колумбија. Врелиот воздух „заробен“ под антициклонски фронт доведе до екстремно време и стотици смртни случаи. Во селото Литон беше измерена рекордна температура од 49,6 степени Целзиусови, а во следниот ден селото до темели настрада во пожар.
Фотографија: Ted S. Warren/AP/picture alliance
Шумските пожари доведуваат до невреме
Бранот жештина можеби е на заминување, но сушата поттикнува шумски пожари. Огнената стихија во Орегон е толкава што самата предизвикува невреме, а чадот се разнесува дури до Њујорк. Неодамна објавена студија тврди дека ваквите временски услови би „биле практично невозможни“ да не се климатските промени предизвикани од човекот.
Фотографија: National Wildfire Coordinating Group/Inciweb/ZUMA Wire/picture alliance
Дали Амазонската област е стигната до клучна точка?
Во јужниот дел на централен Бразил владее најтешката суша во последните 100 години. Со неа расте и ризикот од пожари и натамошно уништување на Амазонската прашума. Научниците неодамна соопштија дека голем дел од југоисточните шумски области во Амазон наместо да апсорбираат ЦО2 како порано, поради континуираното уништување сега испуштаат штетни гасови. Наскоро може да дојде до пресвртна точка.
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance
На работ на изгладнување
Во Мадагаскар, по години безмилосна суша, од глад се загрозени преку 1,4 милиони луѓе. Некои се принудени да јадат сирови кактуси, диви растенија и скакулци. Бидејќи не беа регистрирани природни катастрофи или политички конфликти, гладот таму се смета за прв во поновата историја предизвикан единствено од климатските промени.
Досега незабележаните поплави во северна Европа ја зафатија и Велика Британија: откако во еден единствен ден наврна количина дожд колку за еден месец, делови од Лондон, подземни постојки на метрото и улици се најдоа под вода. Поплавите се доказ дека „опасностите од промената на климата ни се приближуваат и нам“, изјави лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/Getty Images
Грција се бори со пожари
Додека земјите во северна Европа се под вода, оние на југот, како Грција, се зафатени од повеќе топлотни бранови уште од почетокот на летото. Во првата недела од јули температирите се искачија над 43 степени Целзиусови. Туристичките атракции, како Акропол, преку ден се затворени, додека околу Солун беснееја шумски пожари. Во акција на гаснење на огнот беа и хеликоптери.
Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images
Шумски пожари и на Сардинија
Шумски пожари од досега незабележани размери го опустошија централно-западниот дел од островот, истакна гувернерот Кристијан Салинас: „Досега во прав и пепел се претворени 20.000 хектари шума, кои беа синоним за вековната еколошка историја на нашиот остров“. Околу 1200 луѓе се евакуирани од и натаму загрозениот регион.