1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ја пропушти последната шанса?

З.Јордановски/ртр/афп/дпа27 јуни 2015

Еврозоната го отфрли грчкото барање - програмата за помош истекува на 30. јуни. Најавено е дека ќе бидат преземени сите мерки за заштита на еврозоната. Дали е банкротот неизбежен, има ли иднина за Грција во еврозоната?

Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчката должничка криза драматично се заострува. „Програмата завршува во вторник ноќта“, објави шефот на Еврогрупата Јерун Дајселблум по денешната седница на министрите за финансии од земјите-членки на европската монетарна унија. Како причина тој ги наведе одбивањето на последниот предлог од доверителите од страна на грчката влада, како и нејзината решеност наредната недела да спроведе референдум во врска со тој предлог. Решението за прекин на натамошните преговори и на финансиската помош за Грција го подржале 18 министри, против бил само грчкиот министер Јанис Варуфакис.

Варуфакис: Трајна штета за еврозоната

Грчкиот министер ги нападна своите колеги од еврозоната дека со тоа „секако и’ наштетуваат на веродостојноста на Еврогрупата како демократска унија“ и искажа „силно стравување дека штетата ќе биде трајна“. Истовремено Варуфакис укажа и на тоа, дека со Договорот од Лисабон не е предвидено исклучување на некоја земја од еврозоната, туку само има мерки како некоја земја може да ја напушти ЕУ.
Грчката влада бараше од кредиторите продолжување на рокот за неколку денови, за да може да одржи референдум на 5. јули. Варуфакис оцени дека е веројатно оти народот на референдумот би гласал против владата, а за мерките содржани во предлогот од доверителите.

Расправано за мерки за заштита на еврозоната

Министрите од другите 18 земји-членки на еврозоната потоа без присуство на Варуфакис расправаа за консеквенциите од новонастанатата ситуација. Еврозоната ќе стори се’, за да ја сузбие опасноста од кризата со Грција да бидат „заразени“ и други земји, рече германскиот министер Волфганг Шојбле. Претходно и шефот на Еврогрупата Јарун Дајселблум најави дека ќе бидат разгледани мерки нужни „за одржување на силата и веродостојноста на еврозоната“. Шојбле не гледа опасност за други земји, оти, како што рече по седницата, Грција е единствен случај во тој поглед. Но, според него, постоела согласност кај сите учесници Грција, ако е можно, да биде задржана во еврозоната и да и’ се помогне во проблемите кои сега и’ претстојат. Според него, по најавата за референдум, веќе немало никаква алтернатива, освен да биде одбиено барањето за продолжување на вториот пакет за помош, кој истекува на полноќ во вторник спроти среда.

Шулц уште се надева на спас на Грција

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин ШулцФотографија: AFP/Getty Images/P. Hertzog
Грчкиот министер за финансии Јанис ВаруфакисФотографија: J. Thys/AFP/Getty Images

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и натаму се надева дека ќе биде можно спасување на Грција и во тој поглед очекува „силен сигнал“ од шефовите на држави или на влади на земјите од еврозоната во текот на наредната недела. Тој смета дека ќе бидат направени отстапки спрема Грците кај пензиите и даноците, со што грчкиот народ на референдумот би се изјаснил за предлозите на доверителите.
Германскиот заменик-канцелар и претседател на СПД Зигмар Габриел побара од грчкиот премиер да агитира во полза на предлогот на доверителите, а не да го насочува расположеноето кон негово отфрлање.
За референдумот ноќеска треба да се изјасни грчкиот парламент.
Европската централна банка (ЕЦБ) утре ќе расправа за одобрените кредити за одржување на ликвидноста на грчкиот банкарски систем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми