Грција ќе приватизира државен имот за да се спаси од банкрот
24 мај 2011![Јоргос Папконстантину, министер за финансии на Грција](https://static.dw.com/image/15062411_800.webp)
Грција најави заштеди од нови 6 милијарди евра, за од ЕУ и ММФ да ја добие наредната транша од 12 милијарди евра. Атина ќе ја забрза и приватизацијата на државниот имот за да го намали јавниот долг. Владата на Јоргос Папандреу објави дека веднаш ќе почне да го продава профитабилниот државен имот. На удар ќе се најде најголемиот грчки телекомуникациски оператор OTE и пристаништата во Пиреја и Солун, кои спаѓаат меѓу најпрометните туристички и трговски пристаништа на Медитеранот. Атина планира до 2012 година да го намали уделот во монополската компанија за електрична енергија PPC, а во план е приватизација на Хеленик Постбанк, водостопанството во Солун, гасната компанија ДЕПА, железничката компанија Траинос, казина во близина на Атина и произведувачот во секторот на воената индустрија ЕАС.
Синдикатот на вработените во јавниот сектор по обелоденувањето на ваквите намери на владата, најави 24-часовен штрајк, што ќе се одржи во јуни. Грчката опозиција, исто така соопшти дека не се согласува со новите мерки на штедење. Шефот на Нова демократија, Антонис Самарас, по средбата со премиерот Папандреу, денеска изјави дека смета оти курсот на социјалистите е погрешен.
Европската комисија, пак, денеска ја поздрави решителноста на владата на Папандреу да се справи со кризата. Сепак, дефинитивна оценка од ЕУ засега нема, затоа што се чека на проценката на експертите на ЕК, Европската централна банка и ММФ околу програмата за штедење на Атина. По проценката ќе биде донесена одлука околу исплата на наредната транша помош за Грција.
Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/ртр/макфакс
Редактор: Жана Ацеска