1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ѝ должи на Германија милијарди - или обратно?

Петер Хиле
11 октомври 2018

Германскиот претседател Штајнмајер е во посета на Грција и повторно тема се репарациите. И по повеќе од 70 години по Втората светска војна, Атина и Берлин се расправаат за трошоците од германската окупација на Грција.

Griechenland Einmarsch der Wehrmacht 1941
Германската армија влегува во Грција (архива, мај 1941 година)Фотографија: Getty Images/Keystone

По инвазијата на Грција во мај 1941. година на Акропол во Атина се виореше знамето со кукест крст. Германскта армија-Вермахтот ја држеше земјата под окупација до 1944. година. Во тоа време, нацистичка Германија убива и ограбува по целиот Балкански Полуостров. Економските штети од војната и окупацијата до денес се причина за кавга.

Експертска комисија на грчкиот парламент во 2015 година пресмета дека воените штети се во износ од најмалку 289 милијарди евра. Германската влада постојано ги отфрла ваквите барања и тврди дека грчките барања се решени со поранешни обесштетувања. Темата со децении ги оптоварува односите меѓу двете земји поради тоа што Атина постојано бара Германија да плати.

Кредит за окупаторскиот режим

Како прво станува збор за директна воена штета, поради грабежи, убиства и уништување. Врз основа на договорот од 1960. година, Германија на жртвите на нацистички злосторства во Грција им плати 115 милиони тогашни германски марки. Со тоа би требало да се покриени сите одделни барања за отштета.

Меѓутоа се води дебата и околу кредитот кој грчката држава била принудена да го даде. Имено,  Народната банка на Грција во 1942. морала на нацистите да им даде бескаматен кредит од 476 милиони тогашни рајхс марки. Со тие пари нацистите официјално ги финансирале своите „трошоци за окупацијата“ на Грција. Тие пари не ѝ се вратени на Грција. Поради тоа, една експертска комисија во Грција смета дека Германија на Грција и натаму ѝ должи уште околу 11 милијарди евра.

Мир без официјален договор

Меѓутоа, Германија смета оти прашањето за репарации е дефинитивно решено. Првата конференција на таа тема е одржана во Париз, во есента 1945. година. Притоа на Грција процентуално ѝ припадна дел од германските репарации за Втората светска војна. Грција доби материјал во вкупна вредност до 2 милијарди евра.

Со Лондонскиот договор од 1953. западните сили го продолжија рокот за решавање на останатите барања за репарации до склучувањето на мировен договор. Освен тоа, на Германија во дел ѝ се простени долговите. Меѓутоа, меѓу Германија и сојузниците никогаш формално не е склучен мировен договор. Наместо тоа, во 1990. година во сила стапи т.н. „Договор два плус четри“ со кој се регулираше повторното обединување на Германија. Овој договор го призна и Грција, а со него не се предвидени никакви натамошни репарации.

Потпишување на Лондонскиот договор во 1953 годинаФотографија: picture alliance / dpa

Нов долг

Темата репарации во Грција повторно стана попикантна со избивањето на должничката криза во 2010 година. Атина мораше да ја моли ЕУ за помош за да избегне државен банкрот. Одобрени ѝ се кредити во вкупен износ од 274 милијарди евра, меѓу кои најмалку 55 милијарди евра од Германија. Дел од политичарите сметаат дека е замисливо дел од овие долгови да се пребијат со барањата за репарации. Нови преговори за репарации, повеќе од 70 години по крајот на Втората светска војна, според повеќето експерти, се исклучени.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми