Грци и Турци: Тешко пријателство
10 октомври 2020Баба ми живееше во северногрчкиот град Јанина. Беше прекрасна жена која многу ме сакаше и често ми готвеше. Чудно беше само што секогаш кога напладне повеќе сакав да играм фудбал отколку да јадам, ми се закануваше да изедам сѐ, зашто инаку ќе дојде Турчинот и ќе ме одведе! Можеби тоа е причината што до денес имам некој килограм повеќе.
Дури подоцна почнав да ја сфаќам заканата на баба ми: Јанина дури во 1913 година, во рамки на Балканските војни и’ припаднала на Грција. Дотогаш баба ми била граѓанин на Османлиската империја. При што „граѓанин” е погрешен назив. На владетелите Османлии не им биле потребни самосвесни граѓани, туку покорни потчинети.
Дошло време кога Грците веќе не можеле да се помират со тоа и се спротивставиле на османлиското владеење. Побуната не само што била успешна, туку станала основачкиот мит за модерната грчка нација.
Секоја нација малку претерува со него. Сопствените злодела сакаат да се изостават, сопствените заслуги да се прикажат во убаво светло. Тоа веројатно е и случајот со основањето на Република Турција во 1922 година, или при прокламацијата на германскиот Рајх во 1871-та, а да не ги ни споменуваме паметните Швајцарци кои едноставно го измислиле подвигот со јаболкото на Вилхелм Тел.
Митови и историски факти
Во Грција митот вели дека храбрата грчка душа со поддршка на православната црква триумфирала над бројно надмоќните Турци. Ако се гледа резултатот, тоа изгледа дека е така. Но, секој просветлен граѓанин веројатно знае дека грчката независност без поддршка однадвор тешко ќе се случела, на пример без уништување на турско-египетската флота од страна на големите сили во битката кај Наварино во 1827 година.
Можеби затоа политичарите во Анкара денес сметаат дека Грција отсекогаш била разгакенто дете на Западот. Во Атина на тоа се гледа дијаметрално спротивно - Турција била толку разгалена, што и натаму добива оружје од НАТО, иако го држи половина Кипар под воена опсада, влегува во соседни држави, дозволи лидерот на националистите да прави мнозинство во Парламентот и уште има кавга за гасот во источниот потег од Средоземно Море со НАТО-партнерот Грција.
Флоскули и политика
Флоскулата вообичаено гласи: Грците и Турците сакаат да живеат заедно во мир, само политичарите им ги матат сметките. Не знам дали е тоа точно. Но, често сум доживеал луѓе од двете страни на Егејот да чувствуваат еден вид копнеж едни по други и лесно да остваруваат контакт, преку музика, храна, хуморот или заедничката потреба за сентименталност.
Во филмот кој наиде на големо внимание „Цимет и коријандер”, режисерот Тасос Булметис се обидува да го прикаже страдањето на Грците од Истанбул без да ја игнорира турската чувствителност. Симболичен лик му е гркот Фанис, кој во 1960-те години, за време на кризата во Кипар, е протеран од Истанбул и се обидува да фати чекор во општеството во Атина, но од сопствените сонародници е оквалификуван како „Турчин”, односно некој што не припаѓа таму.
Копнеж и горчина
Поединецот станува маша на политичките интереси, мнозинството молчи. Сите се тажни поради случувањата, но малкумина преземаат нешто конкретно за да се смени текот на нештата. Во Грција „Цимет и коријандер“ се слави како филм со големи емоции, но копнежот и горчината остануваат. Можеби стимул за политиката: помалку емоции, повеќе рацио. Во блиското минато, онаму каде што имаше големи емоции, билатералните односи не завршија добро. Така, во раните седумдесетти, за време на воената диктатура, цела Грција ја воспеваше приказната на двајцата другари Јанис и Мехмет, кои заедно пијат вино во Истанбул и филозофираат за Господ и светот.
Повеќе:
Судирот помеѓу Грција и Турција не е нерешлив
ЕУ подготвува санкции против Турција поради спорот во Средоземно Море
И Грција и Турција ќе мора да попуштат во Медитеранот
Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето
Господ и Алах
„Ти веруваш во Господ, јас во Алах, а пак и двајцата страдаме“, размислува Мехмет. Нешто подоцна атинската војска изврши пуч во Кипар, Турција се почувствува повикана да вмаршира и да запоседне половина од островот – јасно прекршување на меѓународното право, кое продолжува до денес. Јанис и Мехмет немаат што повеќе да додадат.
Да бидеме рационални, така што нашите чуства еден за друг ќе добијат цврста основа. Ако Грција и Турција повторно влезат во воен конфликт, двата народа ќе бидат големите губитници.
Политичари наместо националисти
Да бидеме и храбри. Дури и најголемите непријатели Елефтериос Венизелос и Кемал Ататурк не се двоумеа да преговраат за една грчко-турска конфедерација во источниот Медитеран. Концепт тешко спроведлив – првично бидејќи е пропратен со стариот турски страв од поделба на татковината.
Како и да е: развојот на нови концепти за иднината е секогаш подобро решение од ѕвечкањето на воената сабја. Но, за тоа се потребни талентирани политичари, а не националисти како владеачко мнозинство. И на крајот уште нешто не помалку важно, потребни се просветлени граѓани, самоуверени „Citoyens“ на двете страни од Егејот.