Грчката влада изнуди прекин на штрајкот на морнарите
6 февруари 2013„Фериботите нормално сообраќаат“, изјави шефот на крајбрежната служба во пристанишниот град Пиреус. Во раните утрински часови полицијата во Пиреус презема мерки против морнарите- штрајкувачи, кои сакаа да спречат да отпловат фериботите. Пред Министерството на трговско бродарство во пристанишниот град протестираа околу 4.000 луѓе против одлуката на владата, да ги обврзе на служба морнарите. Возачите на автобуси во Атина се солидаризираа со морнарите и четири часа ја прекинаа работата.
Владата претходно употреби одредба за вонредна состојба и ги принуди морнарите да се вратат на работа, откако нивниот синдикат соопшти, дека ќе го продолжат штрајкот до петок. „Не можеме да ги оставиме островите да не бидат снабдени“, ја образложи својата одлука министерот за трговско бродарство, Костис Мусурулис. Оној кој нема да ја почитува одредбата за службената обврска ризикува затворска казна од три месеци до пет години.
Синдикатите и радикалните левичари ја обвинуваат владата дека се однесува диктаторски. Со одредбата за вонредни состојби владата во јануари ги принуди вработените во јавните железници во Атина да го прекинат штрајкот.
Морнарите инаку протестираа меѓу другото против кратењата на приходите, неисплатени плати како и високата навработеност. Владата на високо задолжената земја водеше разговори со штрајкувачите. Таа меѓутоа одби да скршне од реформскиот и курсот на штедење, кој е услов од страна на меѓународните донатори на помошта за Грција. Последиците од мерките за штедење за санација на државните финансии се драстично кратење на расходите и покачување на даноците. Грција шеста година последователно е во рецесија. Квотата на невработеност изнесува преку 26 проценти. Синдикатите со месеци преземаат активности против владата. За 20. февруари е најавен нов генерален штрајк во земјата.