1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Отпор против приватизацијата

Јанис Пападимитриу/ Ж.А.16 октомври 2015

По долго колебање, грчката влада сака да ја забрза приватизацијата на државната сопственост. Но, наидува на жестока критика од синдикатите, политичарите и дури и археолозите.

Griechenland Piräus Hafen
Фотографија: Getty Images/M. Bicanski

Кавгата почна со една службена информација: на 5. октомври грчката Служба за приватизација ТАИПЕД објави тендер за вештак кој треба да ја одреди почетната цена за 67-процентно учество во пристаништето Пиреја. Рокот за прием на пријавите беше до денес, 16.10.2015. Ова беше знак за напредувањето на приватизацијата на најголемото грчко пристаниште, според договорот со меѓународните кредитори, без оглед на внатрешнополитичките кавги. Потоа следеше заедничка протестна акција на покраинското собрание на регионот Атика, на синдикатот на пристанишните работници ОМУЛЕ, адвокатскиот сојуз Пиреја и локалната трговска комора-судска тужба заради целосно спречување на продажбата на пристаништето или барем нови преговори за нејзините услови. Судската одлука се очекува најрано на крајот на октомври.

Дали е ова противудар за проектот за приватизација? „Не, само одлагање“, смета политикологот Јоргос Цогопулос во разговор за Дојче веле. „На 30. октомври истекува рокот за понуди, Кинеското државно бродарство и холандската АПМ-група и натаму важат за најважни кандидати. Крајно, незамисливо ми е приватизацијата сериозно да се доведе во опасност.“

Археолозите критикуваат за „распродажба“

Во дебатата за оператор на пристаништето се вклучи дури и Сојузот на грчки археолози, изјаснувајќи се против „распродажбата“ на овој државен објект, со оглед што во негова близина се наоѓаат многу културни локалитети, како делот од познатиот антички ѕид кај Пиреја и важни индустриски споменици. Уредничката од областа на културата Олга Села има малку разбирање за критиката. Археолозите би требало попрво да се радуваат на спасувањето на оваа културно значајна област, која би била попристапна за посетителите, и што можеби би обезбедило и работни места за локалните жители, напиша таа во атинскиот дневник Катимерини. Наместо тоа, археолозите се ограничуваат на соопштенија во кои се вели дека културното наследство на земјата не е на располагање за „преговори или приватизација.“

Панајотис Лафацанис ги критикува бившите партиски колегиФотографија: Reuters/^Y. Behrakis

Во понеделникот повеќе синдикати повикаа на протестна акција во Пиреја. „Не само пристаништтео, туку и целиот град и дури и цела Грција се ставени на продажба“, револтиран е поранешниот министер од Сириза и сегашен шеф на леворадикалната отцепена партија, Панајотис Лафацанис. На протестот со него беа и тројца пратеници од Сириза, кои пак во август гласаа во Парламентот за новите кредитни договори со доверителите и со тоа и за продажбата на државниот имот. Задоцнета промена на ставот или можеби обид за балансирање меѓу спротиставените интереси? „Веројатно ни едно ни друго“, смета политичкиот аналитичар Цогопулос. „Уште од почетокот, од идеолошки причини, овие луѓе беа против секаква приватизација.“ Но, бидејќи немаше друга алтернатива, тие летоска мораа да се приспособат на реалноста и во Парламентот да гласаат за отуѓување на државната сопственост. Но, тоа не ги спречува „да ја изживеат својата идеологија“.

Тест-регионалните аеродроми

Необична е сликата и кај грчките регионални аеродроми. На крајот на 2014 година германскиот концерн Фрапорт, заедно со грчки партнер, излезе како фаворит за вкупно 14 аеродроми, кои во најголем дел се наоѓаат на омилени туристички острови. По промената на владата, премиерот Алексис Ципрас го стави проектот на мраз повеќе од шест месеци, со што потфрли првичната цел за приходи од приватизацијата во Грција за 2015 година. Сега треба да се дејствува што побрзо, барем министерот за економија Јоргос Статакис на почетокот на октомври демонстрираше решителност како ретко досега: „Сето ќе биде реализирано според договорот.“

Шефот на Фрапорт Штефан Шулте, меѓутоа, има друг впечаток: при една средба со синдикатот на аеродромски работници ОСУПА во Солун, три дена претходно, тој и неговиот тим биле вербално нападнати од синдикалците како „освојувачи“ кои „работат во името на Волфганг Шојбле“, пишува Катимерини. Според весникот, шефот на Фрапорт потоа ја напуштил средбата.

За политички епилог се погрижи заменикот министер за инфраструктура, Стелос Спирцис: „Всушност, ние не сме согласни за приватизацијата на аеродромите и железницата, но во прашање е договорна обврска на нашата земја и ние мора да ја испочитуваме“, рече тој. За политичкиот аналитичар Цогопулос едно е јасно: „Овој проект напредува побрзо отколку продажбата на пристаништето Пиреја“. Но, проблем е што германската страна, по сите пролонгирања од последниот перидо, сега бара гаранции за брза реализација на проектот. Атинскиот фонд за приватизација во средата соопшти дека договорот за концесии со Фрапорт и неговиот грчки партнер ќе биде потпишан до крајот на 2015 година. Сега се чини дека се‘ е разјаснето-барем на хартија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми