1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Саудискиот принц Мохамед бин Салман во посета на Атина

Роналд Мајнардус
26 јули 2022

Прво средба со американскиот претседател Џо Бајден, сега посета на Атина - дали саудискиот престолонаследник, и покрај убиството на новинарот Џамал ​​Кашоги, е повторно прифатлив партнер?

Saudi Arabien | Mohammed bin Salman
Мохамед бин Салман, престолонаследник во кралството Саудиска АрабијаФотографија: Bandar al-Jaloud/Saudi Royal Palace/AFP

Посетата на Мохамед бин Салман на Грција овој вторник (26.07), е прва официјална мисија на саудискиот принц во една европска земја по повеќе од четири години. Зад него има фаза на дипломатски бојкот. Западните лидери не сакаа да бидат видени со осомничениот поттикнувач на убиството насаудискиот новинар Џамал ​​Кашоги. Но, сега, токму американскиот претседател Џо Бајден е тој што го скрши мразот - со својата неодамнешна посета на Саудиска Арабија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно, по повод посетата на Бин Салман на Анкара, крена раце од правната истрага за насилното злосторство од 2018 година.

Процесот покажува дека Саудиска Арабија, како земја која поседува огромни резерви нафта и како водечка сила во арапскиот свет, се смета за апсолутна тешка категорија и покрај сериозните прекршувања на човековите права.

Ердоган и Бин Салман во Џеда, Саудиска Арабија, во април годинаваФотографија: Saudi press Agency/AFP

Крај на изолацијата

Не случајно првото патување на престолонаследникот во земја од Европската унија, по повеќегодишната принудна дипломатска пауза, води токму во Атина. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис заедно со кипарскиот претседател Никос Анастасијадис одигра „посебна улога“ во ставањето крај на политичката и дипломатската изолација на саудискиот престолонаследник, анализира блискоисточниот портал Ал Монитор.

МБС, како што уште го нарекуваат Бин Салман, патува со голема придружба и има широка агенда во Атина. Впечатливо е што во официјалните соопштенија на двете страни на прво место е продлабочувањето на воената соработка. Грчките медиуми наведуваат дека Атина и Ријад ќе потпишат договор за проширување на воената соработка.

Воена соработка

Двете страни имаат конкретни претстави за видот на закани. Додека саудиската надворешна и одбранбена политика е водена од загриженоста за зголеменото влијание на смртниот непријател Иран, во грчката политика се доминантни Турција и ревизионистичките аспирации на Анкара. Централниот мотив кој се крие зад продлабочувањето на односите меѓу Грција и Саудиска Арабија лежи во заемното признавање на перцепциите за закана - и, поврзано со ова, подготвеноста тоа да се поткрепи со зборови и дела.

Грчки борбени авиони над Арополис по повод 200 години независност (25.03.2021)Фотографија: Costas Baltas/REUTERS

Во пролетта 2021 година, само што беше надмината последната сериозна криза меѓу Грција и Турција, борбените авиони од кралството учествуваа во маневрите на грчките воздухопловни сили над Егејското Море. Претходно, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), близок сојузник на Ријад, привремено распоредија борбени авиони Ф16 на островот Крит во ек на спорот меѓу Атина и Анкара за поморскиот суверенитет. Во грчките воени вежби учествуваат и Емиратите - на големо незадоволство на Турција, против која се насочени маневрите.

„Небото е граница“

Во замена за воено-политичката соработка на Саудијците, Грците кратко време подоцна ѝ позајмија на Саудиска Арабија најсовремен одбранбен противракетен одбранбен систем Патриот, заедно со оперативниот тим. Бунтовниците Хути постојано вршеа ракетни напади врз цели во Саудиска Арабија. Ракетите обезбедени од Атина се сметаат за ефикасен пресретнувач.

Очекувањата на грчкиот премиер Мицотакис од посетата на саудискиот принц се големиФотографија: Ludovic Marin/AFP/AP/picture alliance

Покрај воените прашања, билатералните консултации во Атина ќе се занимаваат и со проширување на економската и технолошката соработка. „Небото е граница“ - можностите се неограничени, изјави саудискиот министер за инвестиции Калид бин Абдулазиз Ал Фалих на економската конференција во Атина, на крајот на мај, укажувајќи на поволната геостратешка позиција на Грција. Ваквите навестувања се музика за ушите на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Тој никогаш не пропушта можност да ја промовира својата земја како стратешки центар за идното снабдување на Европа со енергија. Но, Ријад и Атина нема да разговараат само за мега-темата за енергијата. Се вели дека двете земји сакаат заеднички да постават кабел на дното на Средоземното Море што ќе го оптимизира сообраќајот на податоци меѓу Европа и арапскиот свет.

Д-р Роналд Мајнардус раководи со програмата за регионот на Средоземјето во атинскиот тинк-тенк ЕЛИАМЕП.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми