Тимотеј: Проблемот СПЦ-МПЦ повеќе политички отколку црковен
11 септември 2015Афтокефалноста на МПЦ прогласена уште во 1967 година и натаму е камен на сопнување за нејзино признавање од страна на СПЦ. Речиси половина век проблемот виси и сега пред за догодина најавениот голем Севселенски собор од страна на Цариградската патријаршија им тежи и на останатите православни цркви. Во интервју за ДВ владиката Тимотеј, еден од назначените членови на комисијата која ќе треба да разговара со претставниците на СПЦ и портпарол на МПЦ – ОА вели дека проблемот веќе не е само црковен, туку сега е исполитизиран и поврзан со решавање на спорот за името на Република Македонија.
ДВ: Еден од условите за преговорите да се одмрзнат беше ослободувањето од затвор на поглаварот на ПОА, владиката Јован. Тоа се случи. СПЦ соопшти дека патот за разговори е отворен.
Владика Тимотеј: Светиот синод на МПЦ нема посебно расправано околу најавите за конкретни разговори со СПЦ, ако не се смета соопштението кое беше дадено во јавноста преку медиумите и беше поздравена одлуката на СПЦ дека разговорите ќе бидат одмрзнати. Од тогаш досега колку што ми е мене познато испратено е писмо до Синодот на Српската православна црква, а од нивна страна немам сознание дали има одговор. И јас, како и јавноста, знам само за соопштението објавено по седницата на Соборот на СПЦ кога објавија дека е формирана комисија која што ќе разговара со евентуална комисија од МПЦ. Засега работите стојат така. Во меѓувреме, во една пригода изјавив дека очекуваме, во текот на септември, да почнат тие разговори. Но колку што следам преку медиумите, особено на сајтот на СПЦ, еден од членовите на Синодот и член на комисијата со која треба да разговараме, владиката Захумско – херцеговски Григориј е во посета на САД и ќе се врати дури на 24 септември. Со тоа нашите очекувања дека ќе се сретнеме барем во првата половина на септември не се реални. Сега ни останува надежта дека средбата ќе биде закажана за крајот на овој или почетокот на следниот месец – октомври.
Се пишуваше дека СПЦ формирала Комисија со членови од своето тврдо крило. Како ќе изгледаат преговарачките тимови?
Тоа не е тајна. Тие составот го соопштија уште во мај. Митрополитот Црногорско – приморски Амфилохије е претседател на комисијата, епископот Бачки Иринеј и владиката Захумско – херцеговски Григориј се членови и плус едно техничко лице. Двајца од нив за нас се познати, веќе биле учесници во сите меѓусебни разговори. За мене нов е владиката Григориј, но сигурно е авторитет во СПЦ штом го ставиле во една вака значајна преговарачка Комисија за решавање на едно отворено прашање кое ги оптоварува односите меѓу двете цркви и целата екумена околу половина век. Од наша, македонска страна митрополитот Петар е претседател, а член покрај мене е и митрополитот Наум. Епископот Климент ќе биде присутен како техничко лице.
Дали е направена Вашата стратегија?
Се’ што е договорено и што се договора не е се’ уште за јавност. Има работи кои предвреме не можат да се кажат.
Нишкиот договор потпишан од страна на МПЦ во 2002 година, па потоа целосно отфрлен од Ваша страна, нема ли во него основа за преговори?
Тоа е умрена, отфрлена работа. Не од денес, туку одамна.
Се најавува посредување дури на Московската патријаршија за надминување на проблемот. Точно ли е тоа?
Како МПЦ немаме ништо против. Тоа го предлагавме и многу одамна. Претходно, одамна се понуди Цариградската патријаршија преку свој посредник во лицето на архиепископот Анастасиј и ние како Синод на МПЦ и негови членови се согласивме, додека СПЦ тоа не го прифати. Тоа беше пред дваесет години, можеби повеќе. Сега се нуди и Руската православна црква да е посредник. За нас не е проблем дали ќе биде едната или другата или заеднички ќе делуваат Руската православна црква и Цариградската патријаршија. Но не знаеме како на тоа ќе реагираат од СПЦ . Не е доволна само нашата согласност на маса да седнат и посредниците.
Имате ли некакви сигнали од Москва и Цариград последниве месеци?
Имајќи во предвид дека беше лето и време на одмори не би можел да давам некои конкретни информации. Во секој случај овој пет децениски проблем ги заморува сите православни цркви, вклучително и Москва и Цариград, иако знаеме дека и тие си имаат свои проблеми. Но овој проблем во пресрет на големиот Црковно народен собор којшто сака да го организира Цариградската патријаршија на некој начин не е веќе само наш, туку и нив им е проблем за кој се бара начин да биде симнат од дневен ред за настанот да биде вистински од севселенски и сеправославен карактер. Во спротивно нема да ја има потребната полнота на цела православна црква, ако вие исклучите два или три милиони народ којшто поради политички интереси на некого или на некои е и треба да биде отстранет од заедницата на православните верници и христијански православни цркви.
Сметате дека проблемот е со чисто политичка димензија? Тоа значи дека црквите кои се колебаат околу нерешениот проблем се под политички притисок?
Мислам дека на секому му е јасно дека проблемот повеќе е политички од колку верски. Ние православните верници во Македонија не веруваме поинаку во православието од верниците во Белград, Цариград или Москва. Ние не сакаме да се мешаме во политика, но политиката се меша во нас. Ние сме живи луѓе и според тоа не можеме да ја апстрахираме таа реалност. Така што црковното прашање на МПЦ и македонскиот православен народ или на Охридската архиепископија апсолутно е политичко прашање, повеќе отколку какво било црковно прашање.
Овој проблем е од 1967 година. И во меѓувреме МПЦ покажа дека е жива црква. Што ако и сега не се дојде до посакуваното решение?
Ние одиме да најдеме решение. Сепак нема да сакаме да се дојде до решение по секоја цена. Пред да се сретнеме не е коректно да прејудицирам што би било, кога би било.
Колку Вашите контакти со Бугарската и Албанската православна црква претставуваат сигнал дека оската Белград – Атина – Москва треба да попушти?
Тоа се работи кои никој јавно не ги соопштува. Ние само можеме да погодуваме и да посакаме тоа да се случи. Во секој случај на сите им станува се' појасно и се' по бистро дека е созреано времето и дека треба да се прекрати со изолацијата на еден народ и на една црква која што е жива и покажува свои плодови во сериозни димензии, па дури ако сакате многу повеќе од некои други православни цркви во соседството и пошироко.
Во Солун на нивните црковни школи и факултети учат и студираат Македонци за теолози, претходно се студираше на Богословијата во Белград . Изгледа како црквата да се врти во круг?
Јас сум еден од оние кои студирале во Белград. Денеска наши деца студираат во Софија и во Москва и Киев. Православна вера на нашиот човек никој не ја доведува во прашање. Се вртиме во еден политички круг. Најголем проблем е името на Република Македонија, а со тоа и името на нашата црква. Тоа е суштината на проблемот, особено за грчкиот блок.
Доаѓаат ли луѓе кои за православието сакаат да учат во Македонија?
Да, доаѓаат индивидуално. Но има се’ повеќе професори, од разни институции, академии кои го истражуваат пред се’ Охрид и неговото севкупно црковно богатство на пример. Се разбира секој од нив си има своја цел.
Ако се отфрли прашањето со владиката Јован кое се смета за решено, што би можело да биде уште проблем меѓу двете цркви СПЦ и МПЦ, ако не е и името на РМ?
Ако се сака решение на проблемот, тоа е мошне лесно и едноставно има формули. Ако не се сака, секако ќе се наоѓаат многу препреки. Досега СПЦ не сакаше да го решава прашањето, а не дека не можеше или не знаеше како. Сега дали се подготвени да пристапат со една таква реалност или не, не можам да тврдам во овој миг.
Каде би била првата средба?
Не е договорено. Не сакам да шпекулирам, но мислам дека ќе е на територија на СПЦ. Ќе одиме, а потоа сигурно и ќе дојдат.
На што друго се фокусира МПЦ сега?
Секоја епархија си има свои проблеми кои се стреми да ги реши. Ние на пример во Дебарско – кичевската епархија сме насочени кон изработка на идејниот проект за догодина да почнеме да градиме во Охрид еден Црковен музеј со што би ги спасиле од кражби вредните икони и другите сакрални предмети од нашите цркви. Посебно се подготвуваме за догодина да го одбележиме и големиот јубилеј 1100 години од смртта на нашиот просветител, покровител и кормилар Свети Климент Охридски.